09.02.2013, 18:50 Металург во зимски сон
Македонскиот првак загуби со 23:19 против директниот конкурент за второто место во групата Ц од ЛШ, Горење
Роберт Димитриевски
Ракометарите на Металург ќе почекаат за својата прва победа во 2013 година, бидејќи по Брест во СЕХА-лигата загубија и во Велење во продолжението од Лигата на шампионите. Поразот од 23:19 против директниот ривал Горење го оддалечи македонскиот првак од второто место во групата Ц, па во трката за второто сега не решава сам. Некаква утеха за тимот од Автокоманда е тоа што изгуби со помала разлика од таа со која славеше во првиот меѓусебен дуел во Скопје, кога беше 30:23. Но, за да решава тоа "металурзите" ќе треба да ги добијат двата последни меча во групата - в сабота во Санкт Петербург и на 24 февруари во Ск��пје против Силкеборг и да се надеваат Горење да изгуби барем една од средбите во Силкеборг и на крајот со Кјељце во Велење. Полјаците се зацврстија на врвот во групата со максимални 16 бода по завчерашната домашна победа над Санкт Петербург од 30:29, Горење има 12, а Металург 10.
Составот на Лино Червар одлично го отвори натпреварот, поведувајќи со 5:2, но во средината на полувремето домаќинот израмни на 6:6 и го принуди тренерот на гостите да побара тајм-аут. Горење во 18. минута дојде до своето прво водство (7:6), а пет минути пред крајот на полувремето се одлепи на 10:7, но со три гола во низа Металург замина на одморот со нерешен резултат.
Израмнето беше и во почетокот на второто полувреме, односно до 36. минута, кога на семафорот стоеше 13:13, а "сино-црните" имаа напад. Наместо пресврт, до 53. минута Металург постигна само два гола, а прими осум и Горење ја досегна највисоката разлика на средбата од 21:15, кога стана јасно дека бодовите ќе останат во Велење. До крајот "металурзите" успеаја само да го ублажат поразот.
На Металург не му помогнаа стотината македонски навивачи на трибините во салата "Рдеча", кои беа бучни во почетните пенаесетина минути, но потоа немаа многу причини за радост. Нивните миленици не го искористија доброто прво полувреме на голманот Дарко Станиќ, во кое тој одбрани шест чисти удари на противничките ракометари, а во вториот дел паднаа и одбраната и нападот. Целосна потврда доби констатацијата на Червар дека неговата екипа по Светското првенство е само на 60 проценти од својот потенцијал и оти го очекува полни раце работа за да ги врати на потребното натпреварувачко и мотивациско ниво своите 11 репрезентативци, од кои девет на Македонија и по еден на Србија и на Црна Гора.
КОЗЛИНА: КОНТРИТЕ ПРЕСУДИЈА
Миладин Козлина: "На домашната екипа и' честитам за заслужената победа. Направивме премногу технички грешки. Не знаевме да ги запреме нивните полуконтри и контри. Тоа беше причината за поразот. Покрај тоа, Иван Гаиќ многу добро го бранеше голот на Горење. Домашните играа добра одбрана и заслужено победија".
Бранко Тамше: "Моите момчиња преживеаја пеколна седмица. Игравме со Крка, со Копер и со Металург, при што постигнавме три победи, што е најважно. Морам да ги пофалам моите играчи за денешниот натпревар. Во првото полувреме имавме потешкотии со играч повеќе. Не знам зошто. Колегата од другата страна рече дека не ја играле својата игра. Мислам дека за тоа е виновна нашата одбрана".
Горење - Металург 23:19
Полувреме: 10:10. Сала: "Рдеча" во Велење: Гледачи: 2.000. Судии: Бониферт и Олах од Унгарија. Седмерци: Горење 2/3, Металург 4/5. Исклучувања: Горење 8 мин., Металург 10 мин.
Горење: Гаиќ (6 одбрани), Талетовиќ, Мелиќ 2, Безјак 7, Пуцељ, Доленец 5 (2), Цингесар, Цехте 3, Миклавчич, Габер 1, Голчар, Добелшек, Гамс 5, Бајрам, Овничек, Дујмовиќ. Тренер: Бранко Тамше.
Металург: Станиќ (8+1 одбрани), Ангелов (2 одбрани), Ракчевиќ 2, Левов, Димовски, Вугринец 2, Георгиевски 1, Козлина, Манасков 6, Миркуловски 1, Маркоски, Мојсоски, Додер, Мојсовски 7 (4), Јоновски, Алушовски. Тренер: Лино Червар.
|