10.02.2013, 13:41 Интернационалците Тричковски, Тасевски и Гроздановски стрелци
Пандев и Наполи со вреден бод од гостувањето кај Лацио во Серија А
Македонските фудбалски интернационалци имаа успешен викенд во националните првенства во кои настапуваат. Иван Тричковски, Дарко Тасевски и Влатко Гроздановски беа стрелци за своите екипи, а Горан Пандев се враќа со вреден бод од гостувањето кај Лацио.
Тричковски постигна гол за Бриж, кој го совлада Уд Хеверле со 3:1. Тој влезе во игра во 75. минута, а осум минути подоцна го постави конечниот резултат. Бриж е шести на табелата во елитната лига на Белгија.
И Хапоел Кирјат Шмона на Тасевски славеше со 3:1 против Хапоел Рамат Ган во 22. коло од првенството на Израел, а тој погоди во 31. минута за водство од 2:1 и асистира за третиот погодок на својата екипа. Победата го врати тимот на Тасевски во водечката петорка на шампионатот.
Гроздановски имаше извонредно деби за иранскиот прволигаш Персеполис, постигнувајќи еврогол на гостувањето кај Нафт. По водството на домашните, поранешниот македонски репрезентативец го израмни резултатот со ефектен волеј.
Од жешкото гостување со бод се врати и Горан Пандев. Неговиот Наполи ремизира 1:1 со Лацио на „Олимпико“ во директниот дуел на двете екипи што се борат за самиот врв на табелата во Серија А. Пандев го одигра целиот натпревар за Наполи, кој израмни три минути пред крајот со голот на Кампањаро, а Лацио дотогаш водеше со погодокот на Флокари уште во 11. минута.
Ремито во Рим му помогна на водечкиот Јувентус да ја зголеми предноста на пет бода, откако славеше во Торино со 2:0 против Фиорентина. (Р.Д.) |