11.02.2013, 14:09 (ФОТО) Триумф на младите музичари над ветераните
Младите и помалку познати музичари, главно, триумфираа над ветераните и ѕвездите на 55. доделување на наградите „Греми“
На 55. доделување на наградите „Греми“, што се одржа во синоќа, во Лос Анџелес, најважните признанија ги освоија инди рок-бендот „Фан“, австралискиот пејач Готје и британскиот фолк-бенд „Мамфорд и санс“. „The Black Keys“ и Ден Ауербах освоија четири „Гремија“: за рок-песна, рок-изведба, рок-албум и продуцент на годината.
Младите и помалку познати музичари, главно, триумфираа над ветераните и ѕвездите. Освен за албум на годината, „Мамфорд и санс“ добија Греми и за најдобар спот во долга форма. „Немавме поим дека ќе победиме“ - рекол главниот пејач Маркус Мамфорд, „така што ништо не напишавме. Се помиривме со тоа дека минатата година беше година на Адел, а оваа година е на ’Блек киз’ “, им рекол Мамфорд на новинарите зад сцената, додавајќи дека е „воодушевен“ што конечно победиле.
Рокерите „The Black Keys“ освоиле најмногу награди. „Ел Камино“ е рок-албум на годината, а „Лонли бој“ триумфираше над категориите за најдобра рок-песна и рок-изведба. Ден Ауербах е прогласен за најдобар некласичен продуцент.
„Фан“ освоија „Греми“ за најдобри нови уметници и хитот „We Are Young“ е прогласен за најдобра песна на годината. „Не знам што ми дојде да напишам таков рефрен“ - рекол пејачот Нејт Рус. „Сите имаат ХД- телевизори и можат да видат дека и не сме баш толку млади. Со ова се занимаваме веќе 12 години“.
Готје, кој ги зема „Гремијата“ за снимка на годината, алтернативен албум („Making Mirrors“) и поп-дуо изведба, изјавил дека е изненаден од популарноста на песната „Somebody That I Uset to Know“, снимена во шталата на татко му во Австралија. „Нема да ми пречи ако немам веќе ниту една песна со ваков успех... Имам напишано можеби и подобри песни и се надевам дека во иднина ќе напишам уште подобри“ - им рекол Готје на новинарите.
Адел освоила само една награда, за најдобра соло поп-изведба, а освен неа бројни други уметници зеле по една награда во 81 категорија.
Шоуто во Лос Анџелес го отворила Тејлор Свифт со песната „ We Are Never Ever Getting Back Together“. Настапиле и Ед Ширан, Елтон Џон, Џастин Тимберлејк и Алиша Киз, а Стинг, Бруно Марс и Ријана му оддале почит на Боб Марли. Ријана со синот на Марли ја отпеала песната „Could You Be Loved“. |