13.02.2013, 12:55 „Роксет“, „Квин“ и „Битлси“ за Денот на вљубените
На вечерашниот концерт на Македонската филхармонија ќе настапи вокалистот од Египет, Ахмед Харфуш
Во Македонската опера и балет, вечерва во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по повод 14 Февруари - Денот на вљубените, на кој ќе изведе избор од популарни композиции кои се сметаат за романтични хитови за сите генерации. Под диригентската палка на Саша Николовски-Ѓумар, утревечер ќе прозвучат дел од љубовните песни што ги пееја Френк Синатра, Дин Мартин, од рокенрол-групи како што се „Роксет“, „Битлси“, „Квин“... но, и џез и блуз-композиции во оркестарска верзија. Како солист ќе настапи истакнатиот египетски џез и естр��ден музичар Ахмед Харфуш.
Ахмед Харфуш се смета за еден од најзначајните џез-вокалисти и естрадни уметници во Египет. Тој е и водач на познатиот џез-ансамбл „The Riff Band“. Како изведувач и продуцент на концерти и големи настани, Харфуш скоро една деценија настапува во големите сали во Каиро, значајно придонесувајќи за развојот на џез-сцената. Тој глумеше, танцуваше и пееше како една од главните улоги во оригиналниот модерен мјузикл „The Cheat“ од Фенела Кели и Ан Ву, кој својата премиера ја имаше во 2007 година во познатиот центар „Културно тркало“ во Каиро.
Инаку, музиката компонирана од Ахмед е снимана од американскиот продуцент Дарил Кенеди како дел од компилациски албум „Гласови од песокот“. Харфуш настапувал и во Париз, Велика Британија, Словенија, Будимпешта, Дубаи и Чешка, а неодамна настапи во Дамаск со њујоршкиот џез-квартет на Крис Бијарс. Претседател е на Џез-здружението во Египет, каде што е коорганизатор и еден од основачите на Каиро џез-фестивал. (Т.И.)
|