07.02.2013, 13:44 Дино Имери ја одушеви публиката во „Лисински“
Македонскиот пијанист го отвори циклусот „Пијанофортисимо” во чии рамки ќе настапат светски познати имиња во наредните месеци
Дино Имери, еден од најуспешните млади македонски пијанисти, ја одушеви хрватската публика со својот солистички концерт во престижната концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб.
По завршувањето на редовната програма составена од дела на Брамс, Бетовен и Рахмањинов, на барање од публиката отсвири дури четири биса проследени со големи овации.
Имери го отвори циклусот „Пијанофортисимо” во чии рамки ќе настапат светски познати пијанисти во наредните месеци. Покажувајќи голем интерес ��а нашиот пијанист, Хрватското национално радио го снимаше рециталот за своите архиви и понатамошна употреба користејќи ја приликата да оствари интервју со Имери.
Дино Имери дипломирал во класата на проф. Борис Романов, а моментално е на постдипломски студии во класата на проф. Симон Трпчески. Настапувал во повеќе значајни културни центри како Италија, Австрија, Франција, Хрватска. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои неколку први награди на Државниот натпревар по музика, втора награда на Интернационалниот натпревар “Мозартиана – М”, третиот Европски пијанонатпревар рангиран во 10 најдобри млади пијанисти, како и специјално признание од страна на „Јозеф Хајдн“ конзерваториумот за учество во Европската пијано програма и изведба на дела од Хајдн и Лист. |