07.02.2013, 12:21 (ФОТО) Долги аплаузи и воодушевување на премиерата на „Изгубени Германци“
Завчеравечер на сцената на МНТ беше одиграна театарската претстава работена по текст на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски
ФОТО: Киро Попов, Петр Стојановски
Претставата „Изгубени Германци“, работена по текст на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски завчеравечер ја воодушеви многубројната публика во Македонскиот народен театар која на нозе, со долги аплаузи ја поздрави актерската екипа. Одиграна со висок професионализам и со голем актерски жар, претставата чие дејствие се случ��ва во 1944 година во рудник во Македонија, понуди актуелна слика на случувањата овде и сега, ја покажа човековата декаденција, неговото лудило, вербата, надежите, политичките, моралните, емотивните и какви се' не, човекови видливи и невидливи карактеристики.
А нив мошне прецизно во оваа црна комедија ги доловија актерите: Тони Михајловски, Никола Ристановски, Камка Тоциновски, Ѕвезда Ангеловска, Јовица Михајловски, Јордан Симонов, Оливер Митковски, Сања Арсовска и Емил Рубен. Сценографија ја изработи Виктор Михајлов, костимографијата и целиот дизајн на претставата е на Бојана Никитовиќ, а кореограф е Кренаре Невзати -Кери.
Оваа своја драма Дејан Дуковски му ја посвети на својот дедо Ристо Дуковски, а опишувајќи и ја на публиката нејзината содржина напиша:
„Овој текст е базиран на вистинска приказна. По Втората светска војна во Југославија, од високи инстанци во Белград, во Македонија доаѓа строго доверлива команда до инстанците: да се испратат луѓе и голема механизација во напуштен стар рудник, на тромеѓето меѓу Југославија, Грција и Бугарија. Наредбава е малку чудна бидејќи целото локално население знае дека рудникот го напуштиле некои Французи,уште во 18 век. Копај, копај - ништо. Прашањето е зошто ваква чудна наредба?Одговорот е во архивите на берлинскиот Рајхстаг. Разузнавачките служби на сојузниците по паѓањето на Третиот рајх успеваат да најдат крајно педантно архивирана документација која докажува дека рудникот работел за време на војната. И дека остваруваат големи приходи. Кој да се сомнева во германската прецизност!
Што се случило?
Некој од важните и влијателни индустријалци и офицери блиски до Хитлер, за да ги тргнат своите деца од виорот на војната, измислуваат рудник во којшто нивните синови не копаат ништо, а тие го плаќаат, во Берлин, тоа што е ископано“.
Во тој рудник заедно времето го минуваат Германци и еден италијански војник со различни интереси, карактери, сексуални и политички определби, една проститутка, куче шарпланинец кој се одзива на името Тито, и еден релевантен но имагинарен лик кој се јавува како глас на Soldaten Radio Belgradе. Во нивниот свет влетува афромериканецот Ричи, универзален дилер кој е тука да ги извлече, спаси, соочи со реалноста, да ги однесе во Америка, лик кој неверојатно добро го разбива и дооформува нивното секојдневие. Приказната за изгубените Германци, односно за ловот на пеперутки завршува со кадар од филмот „Казабланка“. Неочекувано, но многу добро.
Публиката ја почувствува од почетокот силата на актерската екипа и безрезервно уживаше до крајот. (К.Б.)
Одиграна со висок професионализам и со голем актерски жар, претставата чие дејствие се случува во 1944 година во рудник во Македонија, понуди актуелна слика на случувањата овде и сега, ја покажа човековата декаденција, неговото лудило, вербата, надежите, политичките, моралните, емотивните и какви се не, човекови видливи и невидливи карактеристики.
|