11.02.2013, 15:11 Филмот „Арго“доби три награди БАФТА
Филмот на Бен Афлек, доби три признанија од Британската филмска академија за најдобар филм, за режија и монтажа
Филмот „Арго“, за спасувањето на американските заложници во Иран, во 1979 година, чиј режисер е актерот Бен Афлек, доби три признанија од Британската филмска академија (БАФТА), за најдобар филм, за режија и монтажа. Наградата за најдобар британски филм вчеравечер му беше доделена на филмот „Скајфол“, новото остварување за Џемс Бонд, а насловната нумера во овој филм, во изведба на Адел, ја доби наградата за најоригинална музика. Францускиот филм „Амоур“ е добитникот на наградата за најдобар странски филм. Наградите беа доделени во Кралската опера во Лондон, каде за ��ајдобра главна актерка беше прогласена легендата на францускиот филм, 85-годишната Емануел Рива за улогата во „Амоур“, а наградата за најдобар глумец ја доби Даниел Деј Луис, за улогата во филмот „Линколн“.
Ен Хатавеј ја доби наградата за најдобра женска споредна улога одиграна во мјузиклот „Клетници“, а за најдобра машка споредна улога, е награден Кристоф Валц, за улогата во филмот на Квентин Тарентино „Џанго Разузданиот“. Филмот на Тарентино ја доби и наградата за најоригинално сценарио. |