14.02.2013, 09:16 Ховит: Сликата за Македонија е усложнета
Известувачот на ЕП за Македонија ја нагласи важноста на неговата посета во чувствителен момент за земјата
Известувачот на Европарламентот за Македонија Ричард Ховит, кој од вчера е во посета на нашата земја, денеска ќе се сретне со претставници на македонскиот државен врв и на политичките партии.
Ховит ја нагласи важноста на посетата во, како што рече, чувствителен момент за земјата.
- Јас на сите партии гледам исто, не од аспект на тоа дали некоја од нив е во позиција или во опозиција. Прво сакам да ги видам нив, а потоа да ја одиграм мојата улога како известувач на Европската унија и да им пренесам за последиците на земјата во проце��от на пристапување, не за тоа како партиите се однесуваат меѓу себе или на планот на внатрешната политика. Одреден сум за тоа и имам улога во процесот на приближување кон Европската унија – изјави, за Канал 5, известувачот.
Ховит наведе дека сликата за земјава, која неколку пати доби препорака за старт на преговорите за членство, сега е усложнета и дека ќе се обиде до петок, до кога е тука, да ја поправи таа слика.
- Мојата порака е дека во иднината ние ќе се сретнеме во ЕУ. Ова е критично и чувствително време за вашата земја и за односите на вашата земја со Европската Унија. Ќе бидеме со вас, ќе ве слушаме и ќе водиме дијалог со вас. Сигурен сум оти ќе бидете на моја страна и бидете сигурни дека јас ќе бидам на ваша страна. Следните недели и денови се тешки, бидете тука и се што треба да се направи ќе се направи – рече Ховит. |