14.02.2013, 14:42 Закроени лозјата во Тиквешијата
Кавадарци - „Лозите да бидат полни со грозје, а од тоа грозје да се направи убаво вино кое и натаму ќе не' промовира во светот. Овој светец да ги чува вашите насади“, рече Митрополитот г.Агатангел при денешното закројување на виновата лоза што традиционално се прави на празникот Свети Трифун.
Со тоа симболично започнаа лозарските работи во најголемиот лозаро-винарски регион во Македонија. Во Тиквешијата 7.000 фамилии егзистираат од производство на грозје и тие вчера го славеа својот празник. Лозарите уште во утринските часови влегоа во своите насади и го завршија традиционалниот обред за кроење. Ги натопија лозите со вино и со ракија за повеќе род во новата производна година.
Во храмот „Св. Димитрија“ во Кавадарци за ножица се фатија и гостите, претставници на дипломатскиот кор во земјава и градоначалникот Александар Панов.
Се славеше и во Неготино каде се одржува неделата на виното. На закројување на плантажите на винарската визба „Тиквеш“ во селото Курија-Неготинско, а потоа во винаријата „Стоби“ присуствуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопантсво, Љупчо Димовски кој очекува богата реколта и успешен пласман на македонското вино. Според него непријатните ситуации меѓу лозарите и винарите биле премостени.
Лозјата се закројуваа низ цела Македонија. На плантажите на АД „Хамзали“ кај струмичкото село Петралинци беше и претседателот Ѓорге Иванов, кој во присуство на амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција, Унгарија, Полска и на Словачка прв го закрои лозјето, а по него тоа го сторија и амбасадорите. Сите заедно им посакаа плодна и бериќетна година на лозарите
„Почнуваме нова производна година. Парите за грозјето се' уште не ни се исплатени, а и субвенциите не ни се платени. Тешко е да си лозар во Македонија“, се пожалија лозарите на нивниот празник, кои, сепак, со оптимизам очекуваат дека визбите ќе им го платат грозјето, а државата навреме ќе ги исплати субвенциите. (А.Д.) |