14.02.2013, 12:48 Извештајот за „Пошта“ в недела на Влада
Министрите ќе разгледуваат обемен материјал од истрагата, но се' уште е неизвесно дали ќе побараат и одговорност од надлежните во „Пошта“
Извештајот за пожарот, кој пред еден месец се случи во „Македонска пошта“, в недела ќе се најде пред Влада. Како што дознаваме, обемниот материјал од истрагата за причините зошто настана огнената стихија, штетата која е предизвикана, увидот на истражните органи, но и мислењето на конзерваторите за оштетувањата на муралите кои се наоѓаа во фоајето на зградата, се очекува да бидат разгледани од министрите на седницата која треба да се одржи викендов.
Според владиниот портпа��ол Александар Ѓорѓиев, извештајот за „Македонска пошта“ бил во план да се разгледа уште на завчерашната седница, но поради обемниот дневен ред е одлучено сите важни одлуки што треба да поминат на Влада да се разгледуваат токму в недела.
„Станува збор за доста обемен материјал што го добивме од сите институции кои беа задолжени да ја спроведат истрагата. Засега не можеме да изнесуваме детали за причините за пожарот се' додека извештајот не биде разгледан на Влада“, вели Ѓорѓиев.
Вештачењето за причините за пожарот, кој предизвика голема штета во „Пошта“, се' уште го чекаат и судските органи. Од нив зависи дали по добивањето на вештиот наод ќе биде донесена одлука за поведување кривична постапка за случајот.
Се' уште е неизвесно дали ќе биде побарана одговорност од првите луѓе на „Македонска пошта“ кои навреме не го осигурале државниот имот. Дури по несреќата беше распишан тендер за избор на осигурителна компанија која ќе ги покрие штетите од пожарот.
„Пошта“ пред неколку дена информираше дека одлуката паднала на „Kроација осигурување“, која е избрана како најповолен понудувач. „Македонска пошта“ нема да има никакви финансиски реперкусии во однос на настанатите штети од неодамнешниот пожар, штетата ќе биде покриена во рамките на процедурата за јавна набавка за осигурување на самата компанија, тврдеше компанијата.
Се' уште не е познато колкава е штетата од пожарот и за колкава сума ќе биде ангажирана компанијата „Kроација осигурување“. Ланскиот договор, како што објавија медиумите, чинел 85.000 евра. (Д.Т.)
|