12.02.2013, 14:55 Александар Морфов прогласен за почесен доктор на ЕСРА
Морфов е првиот театарски режисер прогласен за Doctor Honoris Causa на овој универзитет
ФОТО: Киро Попов
Бугарскиот театарски режисер Александар Морфов денеска беше прогласен за Doctor Honoris Causa - почесен доктор на Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.
- Неговите легендарни претстави во Националниот театар во Софија, неговиот ангажман како уметнички директор, работата во Русија, неговата исклучителна поврзаност за театарскиот живот во Македонија, присуството во театрите и на театарските фестивали ширум целиот свет, како и неговиот личен естетски хоризонт ќе бидат пример за идните генерации на млади уметници, не само од н��шиот универзитет, туку и за сите млади визионери, се наведува во одлуката што ја донесе Научно-наставниот совет на Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.
Балканскиот театарски гениј Александар Морфов, истакна во својата беседа ректорот Јордан Плевнеш, е волшебник кој ги избриша границите на Балканот и е подеднакво присутен на сите сцени во светот.
- Името Морфов е рамно на една театарска катарза во која тој се појавува како балкански театарски ослободител. Тој е човек-космос кој предизвика тектонски нарушувања во балканскиот, европскиот и светскиот театар, потенцира Плевнеш.
Морфов се заблагодари за наградата и додаде дека Македонија му дала љубов. Истакна дека во Македонија има многу пријатели, како Благој Стефановски, Владо Цветановски, Влатко и Горан Стефановски, Никола Ристановски...
Александар Морфов е првиот театарски режисер прогласен за Doctor Honoris Causa на овој универзитет, што претставува и гест на препознавање на неговата личност, но во исто време и препознавање на значењето на современиот бугарски театар и неговите претставници од почетокот на 20 век се до денес.
Со чинот на прогласување, името на Александар Морфов ќе биде запишано до имињата на Маноел Де Оливеира, Јиржи Менцел, Шарл Азнавур, Боро Драшковиќ, Мики Манојловиќ, Жан-Клод Кариер, Абдулах Сидран и Слободан Шнајдер. |