07.02.2013, 15:47 Филмскиот фонд ќе финансира 28 проекти
Поддршка за долгометражни филмови добија Дарко Митревски и Владимир Блажевски, како и четири дебитантски остварувања
Филмскиот фонд годинава ќе финансира 28 филмски проекти од национален интерес. Поддржани ќе бидат седум долгометражни, три малцински копродукции и осум краткометражни играни филмови, како и седум документарни и три кратки анимирани остварувања.
Директорот на Фондот, Дарко Башески, на денешната прес-конференција нагласи дека оваа година имало исклучително квалитетен број пријавени проекти на конкурсот за филмска продукција за 2013 година.
Од долгометражните играни филмови поддржани се: „Аферата Мис Стон“ на Дарко Митревски и „Слобода или смрт“ на Владимир Блажевски, како и дебитантските „Крани“ на Ѓорче Ставревски, „Земја на праските“ на Јане Ќортошев, „Безимени“ на Вардан Тозија и „Незаборавена пролет во заборавено село“ на Осман Демири и Куштрим Бектеши. „Со мали средства, како што рече директорот Башески, ќе добие дополнителна поддршка и филмскиот проект ’Балканот не е мртов‘ на Александар Поповски за завршување на постпродукцијата“.
„Кај играните филмови оваа година имаме поголем број дебитанти и двајца искусни режисери. Поддржани се филмовите на Дарко Митревски, кој лани го направи „Трето полувреме“ и беше најгледан филм во Македонија и Владимир Блажевски, кој во последните четири години го имаше најуспешниот игран филм „Панкот не е мртов“, кој освои повеќе награди и беше на голем број“, рече Башески.
Поддржани се и три малцински копродукциски проекти. Тоа се проектите „Жената на мојот живот“ на режисерот Антониј Дончев од Бугарија, „Мирни луѓе“ на Огнен Свиличиќ од Хрватска и „Инферно“ на Винко Модерндорфер од Словенија.
Што се однесува до документарните филмови поддржани се: „Батко Ѓорѓија патува за Баграм“ во режија на Фросина Наумовска, „Музиката и езерото“ на Бесфорт Имами, „Последен отпор на странецот“ на Арбен Тачи, „Детето и светот“ на Гоце Цветановски, „Патот на локумот“ на Елизабета Конеска, „Зошто Јас“ на Сенад Абдули и „Мојот превртен свет“ на Петра Селишкар.
Поддржани се и осум краткометражни филмови, и тоа: „Долу од рајот“ на режисерот Саша Станишиќ, „Правила на уметноста“ на Сабедин Селмани, „Колор Негатив“ на Марија Апчевска, „Вампир“ на Игор Алексов, „Заседа“ на Филип Матевски, „Кукавици“ на Небојша Јовановиќ, „Кај изворот“ на Сабидин Али и „Гиза ЗОО“ во режија на Ахмед Гонеими.
А исто така и три анимирани филмови: „Кружно патување на Марето“ во режија на Жарко Иванов, „ХО“ на Иван Ивановски и „Момчето со скинатата чорапа во десната рака“ од Теона и Вук Митевски.
„Покрај овие ќе бидат поддржани и сите промотивни активности на Фондот, ќе биде завршена и дигитализацијата на киносалите и ќе бидат набавени дигитални проектори за двата големи фестивали ’Браќа Манаки‘ во Битола и ’Синедејс‘ во Скопје“, додаде Башески.
|