09.02.2013, 12:12 Во Македонија нема канцерогено млеко од „Дукат“ и „Виндија“
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека на нашиот пазар не се присутни млеката со сомнителен квалитет од хрватските производители
На македонскиот пазар нема млеко од трговските марки „Дукат“ и „Виндија“ за кои хрватските ветеринарни власти изразиле сомневање дека има зголемена концентрација на афлатоксин М1, соопшти дека Агенцијата за храна и ветеринарство.
- Од спорните шаржи, кај нас се увезени само 360 литри од трајното млеко „Лагано јутро“, кои досега не се пуштени во промет, а за кои по направените инспекциски контроли и земените мостри за анализа од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, на операторите со храна им е издадена наредба за забрана за пуштање во промет. Спорните количини млеко на нашиот пазар се увезени со ветеринарен сертификат и сертификат за квалитет издадени од надлежни служби, се наведува во соопштението.
Агенцијата за храна и ветеринарство извршила дополнителни контроли на пазарот, особено во компаниите увозници на млеко од овие производители, а оствариле и контакт со ветеринарните власти од Република Хрватска. Од Агенцијата истакнуваат дека и натаму ќе ја следат состојбата.
Дукат: Производите во Македонија се безбедни
И производителите на двата производа кои се застапени речиси на целиот Балкан тврдат дека канцерогените пакувања на млеката „Дукат“ и „Виндија“ воопшто не се присутни на македонскиот пазар.
Македонските потрошувачи на производите на „Дукат“ се безбедни, соопшти денеска хрватскиот производител откако надлежните органи во Хрватска констатирале отстапување од пропишаните дозволени количини микотоксини кај два нивни производа.
- Компанијата превентивно ги повлече од пазарот двете ограничени серии од трајните млека кај кои е утврден сомнеж за зголемено ниво на микотоксин, со што тие не претставуваат опасност за потрошувачите - стои во соопштението.
Едниот од двата производа кај кои прелиминарните контроли покажале „минимални отстапувања од пропишаните дозволени количини“ на микотоксин - трајното млеко „Дукат“ со масленост од 2,8 отсто во тетрапак пакување од половина литар, воопшто не се увезува во Македонија.
Во однос на вториот производ, трајното млеко „Дукат - лагано јутро“ со трајност до 25.04.2013, целокупната количина од оваа серија наменета за македонскиот пазар се наоѓа во магацините на увозникот, со што стопирана е неговата дистрибуција до продажните места, се вели во соопштението.
Од продажба се повлекува млекото на „Виндија“ со 2,8 отсто млечна масленост во пакување од еден литар со рок на употреба до 3 јули 2013 година, млекото УХТ (хомогенизирано и стерилизирано) на „Виндија“ со 2,8 отсто млечна масленост во пакување од еден литар, со рок на употреба до 24 и 31 јуни 2013 година, трајното млеко на „Дукат“ со 2,8 отсто млечна масленост во пакување од половина литар, со рок на траење до 24 мај 2013 година, како и трајното млеко на „Дукат“ „Лагано јутро“ со 2,8 проценти млечна масленост, во пакување од еден литар со рок на траење до 25 април 2013 година.
Откако Хрватскиот ветеринарен институт утврди коцентрација на Афлатокисн М1 со помали отстапувања од дозволените, примероци од млекото се испратени во специјализирана лабораторија во Виена, заради дополнителни анализи. Резултатите ќе бида познати кон средината на овој месец.
Афлатоксините се вбројуваат во групата најканцерогени познати супстанци, а инаку се природни микотоксини кои ги произведуваат многу видови на печурки Аспергилус.
|