05.02.2013, 14:39 Размената со странство лани паднала за 8,3 отсто
Трговскиот дефицит за 2012 година изнесувал 2,5 милијарди долари
Размената со странство минатата година бележи намалување од 8,3 отсто, во споредба со 2011 година, а трговскиот дефицит лани изнесувал 2,5 милијарди долари. Овие податоци денеска ги објави Државниот завод за статистика. Според нив во периодот јануари-декември 2012 година, вкупниот извоз изнесувал 4 милијарди долари, додека увозот бил 6,5 милијарди долари. Увозот со 61,5 отсто бил покриен од извозот.
Но, кај извозот, за разлика од увозот има поголем пад.
Компаниите од Македонија извезле помалку во 2012 во однос на 2011 за 10,2 отсто, а падот кај увозот изнесува 7,1 отсто.
Кај лон извозот намалувањето е 10,9 отсто, а кај лон увозот 8,7 отсто.
За цела 2012 трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот пак, најмногу се застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, моторните возила за превоз на лица и електричната енергија.
Во периодот јануари-декември 2012 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 27, односно 62,8 отсто и земјите од Западен Балкан или 24,4 отсто, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 27, или 58,4 отсто и земјите во развој со 22,9 отсто. Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Бугарија и Италија односно 47,1 отсто од вкупната надворешно- трговска размена се врши со овие пет земји.
Државниот завод за статистика денеска ги објави и податоците за размената во декември лани споредени со истиот месец од 2011 година. Вкупната размена забележала пад од 3,2 оттсо, при што пак има поголемо намалување на страната на извозот, отколку на страната на увозот. Во декември извозот се намалил за 5,5 отсто, а увозот за само 1,9 отсто. (Ек.Р.) |