06.02.2013, 15:48 Од недела расчистување на последиците од пожарот во Трескавец
Екипи на Заводот и музеј и на јавните претпријатија во Прилеп утре ќе извршат согледување на состојбата во манастирот Трескавец по што од недела ќе почне акцијата за расчистување на последиците од пожарот.
Од буџетот на општината утре ќе бидат префрлени еден милион денари за расчистувањето, а од недела ќе започнат акциите на компаниите, јавните претпријатија и граѓаните за работа во манастирскиот комплекс.
Ова е договорено на денешниот состанок на јавните претпријатија во Прилеп со градоначалникот Марјан Ристески.
- Почнуваме веднаш да ги ефектуираме заклучоците од економскиот и од седницата на општинскиот совет. Но, мора прво да почекаме додека деновиве трае истражната постапка за утврдување на причините за пожарот, изјави градоначалн��кот Ристески.
Бранко Нешкоски од јавното претпријатие за урбанистичко планирање истакна дека од недела со помош на планинарски друштва и доброволци почнуваат акциите за расчистување.
- Ќе се расчистува изгореното за да се забрзаат работите со обновата, истакна Нешкоски.
На иницијатива на прилепската група „Крос роуд бенд“ во петок, од 21 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“ ќе се одржи и добротворен концерт. Ќе биде поставена кутија за собирање доброволни прилози за обновата на манастирот Трескавец.
|