07.02.2013, 13:39 Субвенцијата за куќа зголемена од 50 на 75 отсто
Една од новините е ако корисникот сака предвреме да го исплати кредитот, но по 10 години од користењето, тој нема да треба да и' ја врати субвенцијата на државата
Наместо 50 отсто владина субвенција колку што досега можеа да добијат граѓаните за изградба на куќа преку проектот „Купи куќа, купи стан“, сега таа се зголемува на 75 проценти.
Министерот за финансии Зоран Ставрески денеска соопшти дека Владата ги подобрува условите за овој проект, со тоа што субвенцијата за изградба на куќа се зголемува од 50 на 75 проценти. Овие законски измени Владата ги донела на последната седница, а олеснувањата се наменети за изградба на куќите бидејќи кај нив има поголеми дополнителни трошоци, и тоа во однос на обезбедување земјиште и слично, објасни министерот. Целта на измените е да се стимулира продажбата и изградбата на куќи во земјава.
„Според новите измени, во моделот половина рата Владата ќе субвенционира 75 проценти, наместо досегашните 50 проценти од месечниот ануитет. Притоа, субвенцијата за кредит за изградба или купување нова куќа во висина од 50.000 евра ќе изнесува 15.030 евра, при што ратата изнесува 330 евра, од кои 247 евра во првите три години ги плаќа Владата, а граѓанинот 83 евра. Приближен е износот и во четвртата и во петтата година“, рече Ставрески.
Во моделот, пак, „половина учество“ досега поддршката беше 50 проценти, а сега е исто така 75 проценти. Со тоа, за кредит од 50.000 евра, ако досега субвенцијата изнесуваше до 6.250 евра, сега таа ќе биде до 9.375 евра.
„Веруваме дека овие измени ќе придонесат за поголемо користење на средствата од овој проект за изградба на куќа, што ќе придонесе и за развој на типски населби, кои во изминатиот период ги промовираат општините, а се новитет во Македонија“, истакна Ставрески.
Втората можност со измените е да се изгради нова куќа на место на веќе постојна стара или помала куќа, што според министерот, се направило на барање на граѓаните. „Примивме стотици мејлови и телефонски повици поврзани со ова и решивме да го прифатиме. Отсега субвенцијата ќе може да се користи и за ваква намена, каде што има ситуација повеќе семејства да живеат на еден простор, тие ќе може да го искористат кредитот за изградба на нова куќа или да срушат еден дел и да изградат поголема“, појасни Ставрески.
Една од новините е дека доколку корисникот сака предвреме да го исплати кредитот, но по 10 години од користењето, тој нема да треба да и' ја врати субвенцијата на државата. Тоа досега не беше случај и за предвремена отплата на заемот се предвидуваше враќање на субвенцијата.
„Таквата можност е дадена по 10-тата година од отплата на кредитот. Доколку граѓанинот ја користел субвенцијата, и по 10 години живеење во таа куќа или стан му се создадат услови да го врати кредитот, нема да има потреба да ги враќа средствата добиени од државата“, објасни министерот. Оваа одредба ќе важи и за старите и за новоодобрените кредити, откако ќе стапат во сила измените.
Нема измени кај критериумите што се однесуваат на висината на месечните примања и цената на квадратен метар. „Тие остануваат на 900 евра, од причина што проектот е наменет за граѓани кои имаат извесен приход, значи не се социјални категории, но немаат доволен приход за сами да го решат станбеното прашање“, рече Ставрески.
Проектот е повеќегодишен. Со измените ќе се направи рамка, во почетокот на годината да се носи програмата и да се објавува, а на секои 45 дена Министерството за финансии ќе ги разгледува пристигнатите барања и ќе одлучува по нив, за да не чекаат граѓаните цела година. Проектот „Купи куќа, купи стан“ почна да се реализира од јануари минатата година и досега се одобрени околу 130 субвенционирани кредити. (Н.Н.Ф.)
|