05.02.2013, 15:17 Истражниот судија го чека вештачењето за пожарот во Пошта
До крајот на неделава судијата ќе изврши увид и во видео материјалот, односно ќе ги прегледа и снимките од безбедносните камери
Се' уште никој не е осомничен за големиот пожар кој на 14. минатиот месец ја опожари управната зграда на „Македонска пошта“, но дали некој ќе сноси одговорност за овој слулај ќе се знае до крајот на неделава. Од Кривичниот суд потврдуваат дека деновиве до Истражниот судија ќе биде доставено вештачењето со кое треба да се посочат точните причини поради кои дојде до избувнување на големиот пожар.
„Случајот со опожарувањето на главната пошта е се' уште во фаза на истражни дејствија, но Истражниот судија кој постапува во овој случај потврдува дека до крајот на неделава до него ќе биде доставено вештачењето, а ќе се врши и обработка на видео материјалот, односно ќе се прегледуваат снимките од сигурносните камери“, вели портпаролот на скопскиот Кривичен суд, судијата Владимир Туфегџиќ.
Со оглед на моменталната состојба судијата Туфегџиќ појаснува дека во Основниот суд Скопје 1 се' уште не е оформен судски предмет и засега никој не е осомничен. Сепак, ако Јавниот обвинител најде доволно докази кои би упатиле на нечија одговорност, тогаш не треба да се исклучи и конкретен кривичен прогон.
Како што неофицијално се дознава, со вештиот наод и мислење на експертите ќе треба да се очекува и утврдувањето на штетата која што беше предизвикана од големиот пожар.
Во исчекување на резултатите од истрагата на вештите лица е и скопското Јавно обвинителство, но и оттаму нема коментар за досегашниот тек на истрагата која е во предистражна фаза.
Засега никој од надлежните институции не се впушта во коментари и за евентуалната наплата на штета по основ на осигурување. Ова значи дека дополнително ќе се утврдува дали раководството на „Македонска пошта“ постапило во склад со законот, односно дали постапката за обезбедување на осигурителна компанија била спроведена во предвидениот рок или, пак, се доцнело со изборот.
Инаку, директорот на „Македонска пошта“, Рафис Алити, по пожарот изјави дека огнот избувнал на третиот кат од зградата, откако дошло до искричење во салата каде што се сместени серверите на поштата, а потоа огнот ја зафатил електричната инсталација. (Љ.С.)
|