07.02.2013, 15:10 Проект за подобри макроекономски прогнози
Министерот за финансии Зоран Ставрески, евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на Финска во Македонија, Јуха Отман, го означија почетокот на Твининг-проектот за поддршка на Министерството за финансии и јакнење на капацитетите за макроекономски анализи и формулирање политики.
Целта е подобрување на економските анализи и вештините за прогнозирање, како и создавање среднорочна и долгорочна макро-фискална рамка преку натамошен развој на капацитетите за макроекономско моделирање и даночни приходи, општествените трошоци и добивки, фискални анализи и подобрување на процесот за буџетско планирање. Проектот почна во декември 2012 година и ќе биде имплементиран во период од две години од страна на Финскиот институт за јавен менаџмент - ХАУС и Националната академија за финансии на Кралството Холандија. За министерот Ставрески ова претставува силен мотив и патоказ за реформите на Владата. „Истовремено ние сме свесни за предизвиците што претстојат во однос на постигнувањето на оваа цел. Во оваа смисла значајно е за земјата зајакнувањето на капацитетите на јавните институции, секако и на Министерството за финансии“, истакна Ставрески.
Главни корисници на проектот се одделите за макроекономска политика, за буџет и фондови, за даночна и царинска политика во рамки на Министерството за финансии.
Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека активностите предвидени со проектот ќе придонесат за исполнување на економските критериуми и условите од поглавјето 17, кои се услови за процесот за пристапување. (Ек.Р.)
|