05.02.2013, 16:26 Заштитениот сведок во „Бреза“ призна дека лажел
Велес - Главниот сведок на убиството во селото Ореше, досега под псеводним „Бреза“ како заштитен сведок, а од вчера веќе со име и презиме Златко Арсовски, ја смени својата изјава. Откако четири години пред истражен, пред обвинителство, пред психијатрите и на главен претрес велеше дека Горе Петровски е нарачателот на убиството кое за 20 илјади долари го извршиле браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски, сега изјави дека лажел, дека изјавата ја давал под принуда, а ветувањата за материјален надоместок не биле исполнети.
„Се извинувам на браќата Ѓоргиевски и се срамам од тоа што го говорев толку време. Се' им е наместено од Вељо, тоа е зет за внука на убиениот, кој ми кажа што треба да зборувам, а јас таа изјава ја потпишав. Инспектор од ДБК кој беше задолжен за мене, пред секое мое појавување во суд ми ја даваше да ја прочитам, да ја знам напамет и да ја повторувам. Така лагата стана вистина. Ми ветуваа 15 илјади евра да заминам во странство, сопругата да ја вработат, но ништо од тоа не се случи. Каков заштитен сведок сум, јас уште првиот ден бев пробиен, сите го знаеја мојот идентитет. Во притвор во Шутка дури и затворениците ме викаа кодош, шпион. Животот ми беше загрозен, а еден затвореник се обиде и со виљушка да ме прободе. Решив да ја кажам вистината, откако не ги исполнија ветувањата кои ми беа дадени“, рече Арсовски, кој пред Основниот суд во Велес говореше околу два часа.
Напомена дека како заштитен сведок бил фамилијарно на одмор во „Св. Наум“ на Орхидско езеро, а месечно добивал надоместок од 22 илјади денари плус 18 илјади денари за кирија за станот во кој живеел. Арсовски рече оти знае дека се соочува со казна затвор за лажно сведочење, но дека морал да си ја смири совеста.
На следното рочиште, тој ќе треба да се соочи со Вељо Арсовски за да кажат како сведоци, кој што рекол за ова дело. (П.П.)
|