05.02.2013, 16:07 Гроган ја услови препораката со решение за кризата
Ирскиот амбасадор побара од партиите да не станат самите пречка на евроинтеграциите на Македонија
Ирскиот амбасадор Оливер Гроган, кој од Букурешт ја следи Македонија, предупреди денеска дека одлуките што ги очекуваме од Европската унија во јуни ќе зависат од решавањето на политичката криза во земјата. Гроган, под капата на преставување на претседателството на ЕУ, и денеска направи притисок на политичките актери во земјата да ги надминат разликите и да направат се самите да не станат пречка на европската перспектива на Македонија. Вчера тој имаше средби со преставници на Владата, а беше примен и од вицепремиерката Теута Арифи која откако ја објави градоначелничката кандидатура, работи од „илегала“, не известувајќи воопшто за средбата.
Според Гроган заклучоците на Советот на ЕУ имале големо значење за земјата, а она што ќе се оценува во април ќе биде имплементацијата на реформите, прогресот во добрососедските односи и во спорот околу името. „Вашата земја исто така треба да одигра улога ако сака да добие позитивен извештај“, беше директен Гроган, повторувајќи дека во крајниот заклучок на Брисел перцепциите ќе играат голема улога а ние треба да се потрудиме тие да бидат позитивни. На прашањето дали има попрецизен одговор како Македонија да излезе од политичката криза, Гроган одговори дека има пречка и таа мора да се надмине и од власта и од опозицијата. Партиите во Македонија треба да го направат тоа, нагласи он, додавајќи дека тоа не е нешто што зависи од ирското претседателство или од ЕК,при што нагласи дека има консеквенци од оваа политичка состојба кои може да се видат во крајните одлуки.Запрашан дали добил некакви гаранции во владата дека состојбата ќе биде надмината, тој одговори дека во разговорите таму станало збор за иницијативата на претседателот Ѓорѓи Иванов, дека домаќините го образложиле случајот, а тој го дал истиот одговор - дека политичкиот дијалог е неопходен и кризата треба да биде решена за да се постигне прогрес на патот кон ЕУ.
Инаку, шефот на дипломатијата Никола Попоски, наспроти овие предупредувања, го задржал позитивистичкиот пристап со констатацијата дека ќе биде ќе биде од историско значење за Македонија ако токму во време на претседавањето на Ирска земјата добие преговори за членство, бидејќи статусот на земја кандидат го добивме во 2005 година, кога Ирска исто така беше претседавач со Унијата.
„Многу важни времиња претстојат пред вашата земја. Ирското претседателство верува дека ова е историски момент каде треба да се донесат важни одлуки и треба да се превземат тешки реформи. Иако овие чекори се тешки, вие сте на чекор на надоградување на процесот на проширување. Сите партии не треба да бидат настрана од ова", беше пораката што ја даде претходниот ден Гроган и која не се смени очигледно и по разговорите на повеќе нивоа во Македонија.
|