07.02.2013, 16:23 Попоски се сретна со амбасадорите од ЕУ и НАТО
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска одржа средба со амбасадорите на земјите – членки на Европската унија и НАТО во Република Македонија, на кој ги презентираше чекорите што ги презема Владата во пресрет на заклучоците од декемврискиот Самит, соопшти Министерството за надворешни работи.
- Министерот потенцираше дека фокусот на Владата е насочен кон преземените иницијативи за добрососедство. Со Република Бугарија се осврна на работата на работните групи, притоа информирајќи дека се разгледуваат сите прашања за унапредување на понатамошната билатерална соработка. Тој посочи дека Македонија сака резултати од работата на работните групи кои ќе го зголемат нивото на доверба помеѓу двете земји. Министерот истакна дека за Република Македонија приоритет се билатералните проекти и нивната реализација преку поголемо институционално поврзување и соработка, се вели во соопштението од МНР.
Во однос на Република Грција, министерот Попоски истакнал дека политичките лидерства на двете земји треба да бидат насочени кон градење доверба, искрен однос на комуникација, како и на рушење на стереотипите. - Сакаме да имаме интензивен и отворен политички дијалог за сите прашања за кои постојат разлики и тој дијалог да се одвива во духот на взаемно почитување, истакнал Попоски додавајќи дека Република Македонија има стратешки интерес за градење одлични односи со сите соседи.
Соговорниците, како што се вели во соопштението од МНР, биле информирани за континуираните активности кои Владата на Република Македонија ги презема во приоритетните реформски области и за актуелните подготовки за редовните локални избори. Министерот го оценил Пристапниот дијалог како многу корисен инструмент. Европската Комисија и Република Македонија позитивно ги ценат резултатите и реформите во приоритетните области.
На поставено прашање во поглед на актуелната внатрешно политичка ситуација, министерот Попоски истакнал дека одговорните политичари ги промовираат своите политики во рамките на институциите, а не надвор од нив.
|