05.02.2013, 17:10 Лук Симпкинс: Албанците ја злоупотребуваат толеранцијата во Македонија
Република Македонија е одличен пример за тоа како се штитат правата на малцинствата, што е во спротивност со она што се случува во Албанија или во Грција
„По мојата неодамнешна втора посета на Македонија, која ја реализирав заради моите македонски граѓани, останав загрижен за иднината на Република Македонија и за иднината на етничките Македонци во Албанија“. Ова е дел од денешното излагање во австралискиот парламент на пратеникот Лук Симпкинс, кој минатиот месец беше во посета на Македонија и на Албанија.
Според него, истакнувањето само на албанското знаме по албанските куќи, без законската обврска да се прави тоа заедно со македонското знаме, ј��сно сугерира дека тука некој бара отстапување на територијата за „голема Албанија“.
„Република Македонија е прекрасен пример на толеранција и почитување на правата и целосно учество на малцинствата пропишани и со Уставот на државата. Сметам дека многумина од албанската заедница ја злоупотребуваат оваа толеранција. Ова е предизвик за Собранието на Република Македонија“.
За време на посетата на Албанија, Симпкинс се сретнал и со градоначалникот на Пустец и со претставници на македонската заедница од таа земја.
Симпкинс изјави дека за време на последниот попис во Албанија биле направени многу пропусти при правото за слободно изразување на националната припадност. „Па така етничко македонско население официјално брои околу 5.000, а во реалноста таа бројка е повеќе од 100 илјади“.
Македонците во Албанија живеат во 39 села, а многумина се и во градовите. „Градоначалникот јасно ми даде до знаење дека тие се лојални граѓани на Албанија, но дека има сериозни пропусти во почитувањето на основните човекови права. Се плашам и од тенденцијата на радикализирање околу овие прашања од страна на албанските политички партии. Во Албанија се појави и ултранационалистичката партија Црвено-црна алијанса. Европската унија мора да ја следи оваа ситуација и да ги штити правата и безбедноста на македонското и на другите малцинства, а за тоа веќе испратив и писмо до претставникот на ЕУ во Албанија“.
Симпкинс отворено рече пред австралиските пратеници дека владата во Тирана не сака да ги заштити етничките малцинства и преку ваквите пропусти, всушност, се обидува да асимилира некои заедници.
„Од мојата посета ми стана јасно дека Република Македонија е навистина одличен пример за тоа како се штитат правата на малцинствата, што е во целосна спротивност со она што се случува во Албанија или во Грција, каде што имаме и непризнавање на малцинства“, рече во своето излагање во австралискиот парламент пратеникот Лук Симпкинс. (С.Ј.)
|