06.02.2013, 15:46 И Трајановски ќе собира идеи и предлози од скопјани
И Коце Трајановски отвори канцеларија за идеи. Скопјани од денеска на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје лично можат да му предложат некоја идеја, да му укажат што му недостасува на градот, да му упатат сугестија се со цел Скопје да се развива на подобро во случај доколку и на претстојниве избори скопјани му дадат доверба на актуелниот градоначалник.
„Ова е одлична можност, добра форма преку која може да се слушнат идеите на граѓаните, нивното размислување, предлози. Тоа е пракса на ВМРО-ДПМНЕ и моја лично, и тоа не е нов принцип на работа. Тоа го правевме и во 2009 година, пред и за време на кампањата“, рече денеска Трајановски на отварањето на Канцеларијата, која се наоѓа на стотина метри од идентичната Канцеларија на неговиот противкандидат Јани Макрадули. Се нао��а на улица „Македонија“, во близина на ресторанот Пелистер“. На денешното отварање присуствуваа стотина граѓани, подржувачи на актуелниот градоначалник, сопартијци, јавни личности, архитекти, актери, спортисти...
„За Коце Трајановски говорат делата и вредностите кои тој ги остава зад себе, говори и програмата што ја изработи и отчетите што редовно ги прави, покажувајќи еден искрен однос кон сите граѓани. Тоа се нештата кои нас не разликуваат од останатите. Заедно да го поддржиме сегашниот и иден градоначалник на Град Скопје, да ја прочитате и разгледате детално неговата програма зад која стои кредибилитетот на Трајановски, програма за која искрено верувам дека ќе се реализира идниот период“, порача премиерот Груевски на отварањето на Канцеларијата за идеи. |