07.02.2013, 15:42 Интернетот не стави на трето место во регионот
Македонија со 58 отсто од домаќинствата кои имаат пристап на интернет е трета во регионот. Најголем процент на домаќинства со директен пристап на интернет во земјите од регионов е забележан во Хрватска и во Косово, каде што 64 отсто од домаќинствата се поврзани на интернет, се вели во истражувањето на „Галуп“, кое го пренесува агенцијата „Анадолија“.
Црна Гора е четврта каде што е забележано дека 55 отсто од домаќинствата имаат пристап до интернет од својот дом. Србија и БиХ се на крајот, со процент од 50, односно 49 отсто од претплатниците што се поврзани на интернет.
Албанија е најлоша во регионот и во оваа земја пенетрацијата на интернетот е само 31 отсто, што е и еден од најниските проценти на корисници на интернет во Европа.
Висок процент на корисници на интернет е регистриран во Словенија, каде што 83 отсто од жителите имаат пристап до интернет, а потоа следат Унгарија со 66 отсто, Словачка со 65 отсто, Бугарија со 51 отсто, Романија со 49, Грција со 44 отсто и Турција со 40 отсто од домаќинствата приклучени на интернет. Најмал број на граѓани кои се приклучени на интернет има во Грузија само 29 отсто, а светски лидер е Шведска каде што 93 отсто од домаќинствата имаат конекција за интернет. (Ек.Р.)
|