05.02.2013, 14:26 Франсоа Оланд: Да се штеди да, да се ослабе економијата не!
Францускиот претседател Франсоа Оланд пред европратениците се заложи за почеток на реформа на економската и монетарната политика во Европската унија. Тој смета дека е можен компромис за европскиот буџет, но потребно е да се вразумат европските земји кои сакаат да одат подалеку во штедењето. Оланд посочи неколку принципи: ниво на трошоци кои ќе ги зачуваат заедничките политики, политика на кохезија за земјите корисници, но исто така и за цела Европа, аграрна политика која ќе дозволи зацврстување на една скапоцена индустрија и почитување на природата и финансиска рамка која треба да го продолжи пактот за развој.
„Да се прават заштеди да, да се ослабе економијата не!“ гласи пораката на Оланд. „Компромис за европскиот буџет е можен, но ќе биде потребно да се вразумат европските земји кои сакаат да отидат подалеку од она што е разумно во штедењето“. Оланд во својот прв вистински европски говор, откако стана претседател на Франција во мај 2012 предупреди на растот на евроскептицизмот. „Националниот интерес започна да го надминува европскиот интерес. Ако е вистина дека кризата во еврозоната е широко зад нас, ние се' уште не ги имаме извлечено сите поуки и последици. Тоа што нас не' загрозува не е недовербата на пазарите, туку таа на народите“, рече тој. Според него, Европа треба да се стекне со вистинска политика за менување на еврото со цел да се стабилизира курсот на еврото кој во моментов е изложен на силни осцилации на пазарот на девизи.
Последниве денови еврото достигна повторно високо ниво во однос со доларот и другите девизи, предизвикувајќи голема загриженост во француската индустрија силно погодена од актуелната криза. (Ек.Р.)
|