07.02.2013, 13:00 Надал се врати со победа и во сингл
Некогаш првиот светски рекет го совлада Аргентинецот Делбонис во чилеанскиот град Виња дел Мар
Рафаел Надал го надмина лошиот почеток и го совлада Аргентинецот Федерико Делбонис со 6-3, 6-2 за пласман во третиот круг на Чиле опен, забележувајќи ја својата прва победа во поединечна конкуренција по седум месеци. Шпанецот го загуби својот сервис во почетниот гем, но брзо се консолидира, преземајќи ја контролата во мечот и добивајќи го првиот сет за 50 минути во Виња дел Мар на брегот на Пацификот. Шампионот на Ролан Гарос изгледаше изненаден кога Делбонис поведе со 2-0, но со неколку остри удари ги постави работите на своето место. Поранешниот светски рекет број еден почна да ја крева својата игра и да покажува поголема подвижност во еднонасочниот втор сет, кој го реши во своја полза за 38 минути.
„Среќен сум што повторно играм во сингл. Ова е важен ден за мене“, изјави Надал за локална телевизија по мечот. „Благодарност за поддршката. Не сум ни сонувал за ваков кам-бек“, додаде тој пред восхитената публика. „Почетокот беше тежок. Федерико играше навистина добро и ме принуди доста да трчам“.
Надал искористи четири од 11 можности за одземање на сервисот на Делбонис. Шпанскиот левучар беше надвор од теренот поради повреда на коленото уште од елиминацијата од Чехот Лукаш Росол во второто коло на Вимлбдон минатиот јуни.
„Среќен сум што коленото одговори добро“, додаде Надал.
Во четврт-финалето тој ќе игра со подобриот од ноќешниот дуел меѓу неговите сонародници Алберт Монтањес и Даниел Химено-Травер.
Надал (26), чиј план да се врати при крајот на 2012 година беше одложен поради болест, ќе продолжи да игра на својата омилена земјена подлога на уште два тутнира во Јужна Америка овој месец - Бразил опен во Сао Паоло наредната седмица и Мексико опен во Акапулко, кој ќе почне на 25 февруари.
|