05.02.2013, 14:45 Ливерпул - Дебрецин е наместениот меч во ЛШ
Иако бил поткупен голманот Полексиќ, облогот не испаднал според планираното. Наместо планираните најмалку три гола, мечот одигран во 2009 заврши 1:0
Англискиот гигант Ливерпул бил вмешан во скандалот со наместен меч од Лигата на шампионите, откри данскиот весник „Екстра бладет“, откако европската полиција Европол обелоденени дека во изминативе неколку години низ Стариот континент имало обид за местење на дури 380 меча.
Сомнителниот меч се одигра на 16 септември 2009 година кога на „Енфилд роуд“ во рамки од групната фаза гостуваше унгарскиот Дебрецен. Мечот заврши со победа на фаворитот од 1:0, резултат кој сепак не бил во корист на обложувачката мафија. Местачите го поткупиле голманот на Дебрецен, црногорскиот чувар на мрежата Вукашин Полексиќ, кој имал за задача да не брани најдобро, бидејќи облогот бил дека на натпреварот требало да има најмалку три погодоци. Иако на свој страна го имале гостинскиот голман, облогот не испаднал како што било планирано, бидејќи напаѓачите на Ливерпул не беа расположени за погодоци. Капитенот Стивен Џерард промаши неколку чисти ситуации, а единствениот гол го постигна Холанѓанецот Дирк Кајт, што беше доволно Ливерпул да стигне до трите бода, но не и да испадне облогот на местачите. Ливерпул за тие 90 минути упати само 7 удари кон противничкиот гол, а најдобрата шанса за втор погодок ја имаше Џерард, кој ја погоди пречката.
„Џерард требаше да одигра многу подобро на овој меч“, гласела СМС-пораката на извесен Иво Ц. од Хрватска, кој бил еден од главните во местењето на дуелот во Ливерпул. Хрватската мафија веќе е добро позната низ Европа, бидејќи во 2009 година беше уапсен Анте Шапина, кој се сомничи дека наместил преку 200 меча. За местенките Шапина заработи затворска казна од пет години. Подоцна во истата година, голманот на Дебрецен, Полексиќ, бил вмешан и во мечот што унгарскиот тим го играше на домашен терен против Фиорентина. И на тој мечот облогот било дека треба да има многу голови, а овојпат мафијата добро го одработила мечот. Уште на полувремето Фиорентина имаше предност од 4:2, а во вторите 45 минути домаќините постигнаа уште еден гол за конечни 4:3.
Данскиот весник како сомнителни ги наведува и двата меча меѓу Копенхаген и црногорскиот Могрен во квалификациите за влез во елитната европска лига. Во овој двобој Копенхаген на два пати беше убедлив и победи со по 6:0. Според 18-месечната истрага на криминалистичката разузнавачка агенција на Европската унија, било откриено дека во „местенките“ учествувале 425 луѓе од 15 земји, меѓу кои голем дел се судии, фудбалери или членови на екипите. Вкупно биле вложени 16 милиони евра, а чистата заработка на „местачите“ била нешто повеќе од осум милиони евра. За сите оние кои помагале во „местенките“ им било исплатено дури два милиони евра. Досега се уапсени 50 луѓе, но се очекува таа бројка да биде многу поголема.
Според Европол, најмногу сомнителни мечеви имало во Турција, каде што се посочени дури 79 средби. Зад Турција следи Германија со 70 местенки, па Швајцарија (41), Финска (32), Унгарија (20), Белгија (19), Хрватска (18), Австрија (16), а во Босна и Херцеговина и Словенија по шест меча... Покрај двата меча во ЛШ во кои е вмешан Дебрецен, сомнителни се и 14 дуели од Лигата на Европа. Сомнителни се и средби кои се играле и во Азија, од каде што и доаѓа главната мрежа на криминалци во овој нелегален бизнис, кој става голема црна дамка на најважната споредна работа во светот. Главните луѓе во истрагата биле изненадени колку оваа мрежата на „местачи“ е распространета не само низ Европа туку низ целиот свет. Покрај 380 меча во Европа на листата има и уште 300 дуели кои се играле во Африка, Азија, Јужна и Средна Америка, што значи дека бројот на „местенки“ во изминативе неколку години е околу 700 натпревари низ целиот свет.
|