06.02.2013, 17:10 Изборното Собрание на РФМ на 9 март
На денешната седница на УО сегашното раководство треба да го објави својот кандидат за наследник на претседателот Михајловски
Роберт Димитриевски
На 9 март ќе се одржи Изборно собрание на Ракометната федерација на Македонија, на кое таа сигурно ќе добие ново раководство, имајќи ја предвид неодамнешната објава на претседателот Михајло Михајловски дека нема да бара нов мандат. Актуелното раководство најави свој кандидат, чиј идентитет треба да го обелодени на денешната седница на Управниот одбор, закажана за 14 часот. Дознаваме дека тој нема да биде човек ни на Металург ни на Вардар про, а приоритет ќе му биде Лино Червар да го преземе кормилото на машката сениорска репрезентација, и тоа веќе во априлскиот двомеч со Шпанија од квалификациите за Европското првенство 2014 во Данска.
Токму оставката на досегашниот селектор Звонко Шундовски по Светското првенство во Шпанија, каде што Македонија го освои 14. место, ги забрза промените во македонската „куќа на ракометот“. Членовите на УО во заминување сакаат да му остават доволно време на новиот состав на извршниот орган на Федерацијата да се престрои пред дуелите со светскиот шампион на 3 април во „Борис Трајковски“ и четири дена подоцна во Гвадалахара. Изненадувачкиот пораз во Португалија од 32:25 го наметна императивот да се освојат бод или два од тие две средби за да решава меѓусебниот скор со Португалците за второто место во групата, кое исто така води на ЕП.
„Најкоректно од стариот УО беше во најкус рок да свика Собрание, на кое ќе биде избрана нова раководна гарнитура, за да може таа веднаш да се зафати со работа пред мечевите со Шпанците. На Собранијата во 2010 и во 2012 година беше одлучено највисокото тело на Федерацијата да се свикува во јули, односно по квалификациските циклуси, но оставката на Шундовски ја наметна потребата од брза реакција. Со оглед на тоа дека пред 20 март нема да има собир на репрезентацијата, најсоодветен термин за Собранието би бил 9 март“, објаснува нашиот извор.
Ако за Михајловски е сигурно дека ќе си замине од функцијата, иднината на генералниот секретар Марјан Начевски во РФМ засега е неизвесна. На Михајловски и онака му истекува четиригодишниот мандат што го доби во изборната трка со единствениот конкурент Минчо Јорданов на Собранието во пролетта 2009 година, но на Начевски му преостануваат уште речиси две и пол години.
Покрај утврдувањето на датумот за одржување на редовното изборно Собрание, на денешната седница на Управниот одбор на РФМ ќе биде разгледан извештајот на Шундовски за настапот на СП во Шпанија и ќе биде усвоена неговата неотповиклива оставка. На разгледување ќе бидат ставени и извештајот на селекторот на сениорките Гино Стрезовски за учеството на ЕП во Србија и неговиот план на подготовки за мундијалскиот бараж со Шпанија, како и оставката на селекторот на кадетките Индира Кастратовиќ. Меѓу точките на дневниот ред се и предлогот за организација на завршниот турнир на СЕХА-лигата во Скопје и утврдувањето на стартот на пролетниот дел од домашното првенство. |