06.02.2013, 15:40 Рафа Надал се врати со победа
На турнирот во двојки во Вина Дел Мар, Шпанецот го одигра првиот меч по пауза од половина година
По пауза од точно шест месеци и една недела, Рафаел Надал одигра еден компетитивен меч и со победа го означи враќањето на терените. Почна во двојки, заедно со Хуан Монако покрај него и заедно ги минаа вторите носители на турнирот во Вина дел Мар, во Чиле. На Франтишек Чермак и Лукаш Длоухи ништо не им вредеше рејтингот против ривалите кои се веќе докажани во сингл. Надал и Монако триумфираа со 6-3, 6-2 за 66 минути и обезбедија четврт-финале со Руфен и Воландри.
„Добро е чувството да се биде назад на теренот. Ќе видиме како ќе реагира коленото. Моментот и подлогата се вистински, а тоа што играм прв пат во оваа земја е посебно задоволство“, изјави Надал, кој беше пречекан специјално од чилеанскиот претседател. „Играњето во двојки е помалку агресивно, па ќе видиме како ќе одат работите утре во сингл“, додаде Надал, кој синоќа требаше да го одигра и првиот самостоен меч по 28 јуни и тоа против Аргентинецот Федерико Делбонис.
Рафа Надал се рехабилитираше од повреда на левото колено подолго од половина година. Требаше да се врати на крајот на 2012, на егзибицискиот турнир во Дубаи, но поради стомачен вирус го откажа и него и учеството на Австралијан опен.
|