08.02.2013, 15:21 Општествените станови можат да се откупат само со барање
Повеќе од 300 граѓани кои живеат во општествени станови кои се' уште не ги откупиле поради немање комплетна документација, тоа ќе можат да го сторат само со поднесување барање за откуп на станот. Ова го овозможуваат најновите измени и дополнувања на Законот за домување кои веќе се во собраниска проедура.
Како што рече денеска на прес конференција министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, измените се предлагаат на барање на граѓаните, бидејќи сстанува збор за станови за кои договорите се склучени пред повеќе од 30 години и не можат да се најдат ниту во архивите на соседните земји кои беа дел од бившата држава. Поради тоа на ваков начин сега државата им овозможува на семејствата кои ги немаат потребните документи во определен рок да поднесат барање до Министерството за транспорт и врз основа на тоа што имаат стан без соодветен акт да го откупат.
Покрај тоа, новина во предложениот закон е можноста да се одземе лиценцата на управител доколку биде утврдено дека тој не исполнува некој од условите. Како што рече Јанакиески, сите граѓани кои користат услуги од лиценцирани управители, за секое евентуално незадоволство од добиената услуга можат да се обратат до надлежната Регулаторна комисија.
„Целта на Законот е прописно одржување на зедничките делови од зградите и доколку се констатира дека некоја компанија не се придржува до законските одредби, истата може да биде предмет на проверка со цел да се преиспита добивањето на соодветната лиценца“, рече Јанакиески потенцирајќи дека од истекот на рокот за регистрирање заедници на станари досега се регистрирани вкупно 3.012 заедници, додека се издадени лиценци за управители на вкупно 26 правни лица. (Б.А.)
|