07.02.2013, 13:35 Регистрирани нови 1.869 лица со симптоми на грип
Нови 1.869 лица со симптоми на грип се пријавени во периодот од 28 јануари до 3 февруари или во текот на петтата недела од неговата појава, што претставува мало зголемување од 9 проценти, во однос на бројот на заболени во претходната недела, покажуваат последните податоци од Институтот за јавно здравје за состојба со грип во државата.
Како што соопшти денеска Министерството за здравство, од почетокот на сезоната на грип до сега се пријавени 5.343 лица со симптоми на грип.
Најголем број од заболените се од Скопје-1.079 лица, од Струмица-730, од Гостивар-661, Тетово-619 и помал број во останатите градови, додека во Берово и Виница немаат пријавено случај со грип.
Исто така, минатата недела лабораториски биле тестирани вкупно 26 примероци од заболени лица сомнителни на грип, од кои 15 се позитивни на инфлуенца т��п А (14 со А Х1Н1 и еден е нетипизиран), а два примероци биле позитивни на инфлуенца тип Б.
Општ впечаток е дека доминира типот на грип А Х1Н1, слично како и во најголем дел од останатите земји во Европскиот регион. И понатаму се регистрира пораст на активноста на вирусот на грип и по интензитет и по распростанетост, односно продолжува да расте бројот на заболени со симптоми на грип. Се предвидува порастот на активноста на вирусот на грип да трае и во наредните две до три недели.
Во моментов на Инфективната клиника има тројца пациенти (на возраст од 36 до 56 години) со потешка клиничка слика, кои се лекуваат на одделението за интензивна нега и се во групата пациенти со ризик или со претходни хронични заболувања.
|