08.02.2013, 15:56 Во црвениот „опел“ пронајдена ДНК на обвинетиот
Судскиот совет на Основниот суд Скопје 1 кој постапува во процесот „Монструм“, на денешниот претрес ги изведе и сите предложени писмени докази
Во возилото „опел омега“, кое што полицијата го пронајде по маскрот кај Железарското езеро, имало ДНК на обвинетиот и недостапниот Алил Демири. Констатацијата за присуство на ДНК беше спомената на денешното продолжение на судскиот процес наречен „Монструм“, а во кој освен споменатиот Демири за тероризам и за помагање во тероризам се товарат и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, како и Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири.
На судењето беше кажано дека папиларни линии (отпечатоци) имало на предмети кои биле пронајдени и одземени од домовите и возилата на обвинетите, но дека ДНК од местото каде беше извршен маскарот, а од каде биле подигнати траги од крв, чаури, опушоци и други материјални докази, не одговарал со оној на обвинетите.
Судскиот совет на Основниот суд Скопје 1-Скопје кој постапува во овој предмет, на денешниот претрес ги изведе и сите предложени писмени докази.
Настанот за кој сега се товарат шестмина обвинети се случи на 12. април минатата година. Имено, на ден Велики четврток, кај Железарското езеро, на свиреп начин беа застрелани четворица тинејџери и 45-годишниот Борче Стефковски од скопското село Црешево. (Љ.С.)
|