09.02.2013, 12:06 Еден повреден и оштетена куќа од откорната карпа
Огромна карпа тешка неколку тони, се откачила од своето лежиште и завршила во куќа на Тетовец
Тетово - Огромна карпа тешка неколку тони, се откачила од своето лежиште и завршила во куќа на Тетовец. Срушувајќи еден од ѕидовите на куќата паднал врз кревет на 32 годишниот Насер Шаќири, кој се здобил со набиеници. Нему му е укажана помош во Тетовската клиничка болница, а потоа пуштен бил на домашно лекување.
Се се случувало утринава нешто пред 8 часот, во месноста "Стрмо", над православните гробишта во Тетово. Најверојатно под влијание на врнежите, карпата се откачила од своето лежиште, тркалајќи се 50-тина метри по стрмнината, завршувајќи во куќата на Идавер Шаќири, татко на повреденото момче. Карпата завршила кај настрешницата на куќата. По неа се стркалала уште една знатно помала карпа, која застанала во дворот на куќата. "Слушнав силна бучава, но бев во друга просторија оддалечен од местото кај што завршила карпата. Кога го отворив прозорецот имав што да видам. Две карпи стркалани кон нашата куќа. Во просторијата кај што удрила поголемата карпа, се уште спиел син ми Насер. Малку пред тоа, од собата излегла мајка ми. Господ ми го спаси детето. Задоволен сум што се вака заврши и што син ми сега е во добра здравствена состојба", се присетува Идавер Шаќири.
Ова семејство живее од 8.000 пензија што ја добива мајката на Идавер. Едвај го крпат животот. Сега ќе треба мошне бргу да го поправат срушениот ѕид и да ги расчистат другите наноси од струполените карпи. Како што дознаваме, градоначалникот на Тетово Сади Беџети ветил парична помош на настраданото семејство. Идавер Шаќири очекува да му притекнат во помош и други лица, претпријатија и институции за да ја санира материјалната штета. (Г.Е.)
|