07.02.2013, 12:28 Синодот расправа за изгорениот манастир Трескавец
Пожарот бил предизвикан од застарена електрична инсталација или од ќумбето кое било поврзано со оџаците во собата до камбанаријата
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква денеска одржува седница на чиј дневен ред ќе бидат мерките кои треба да се преземат за што побрзо да се обнови манастирскиот комплекс Трескавец, кој во понеделникот беше опожарен.
Според првичните информации, пожарот во манастирот бил предизвикан од застарена електрична инсталација или од ќумбето кое било поврзано со оџаците во собата до камбанаријата.
Екипи на Заводот и музеј и на јавните претпријатија во Прилеп денеска ќе извршат согледување на состојбата во манастирот Трескавец, по што од недела ќе почне акцијата за расчистување на последиците од пожарот.
Од буџетот на општина Прилеп ќе бидат префрлени еден милион денари за расчистувањето, а од недела ќе започнат акциите на компаниите, јавните претпријатија и граѓаните за работа во манастирскиот комплекс.
На иницијатива на прилепската група „Крос роуд бенд“ утре на плоштадот „Александрија“ во Прилеп ќе се одржи и добротворен концерт, каде ќе биде поставена кутија за собирање доброволни прилози за обновата на манастирот Трескавец.
Пожарот избувна во понеделникот околу 14 часот. Искушеникот Калист и гостинот се обиделе да го изгаснат, но кога сфатиле дека не можат сами, случајот го пријавиле.
|