08.02.2013, 12:54 Меси во Барселона до 2018 година
„Во Европа не би играл за друг клуб, но не ја исклучувам можноста кариерата да ја завршам во Аргентина“, изјави најдобриот фудбалер на светот
Кога дојде во Барселона Лионел Меси имаше само 13 години, од тогаш па до ден денеска Аргентинецот во ниту на момент не размислуваше да ја смени бојата на дресот, средината... А работите по ова прашање нема да добијат поинаков тек ниту во блиска иднина, бидејќи најдобриот фудбалер на светот во каталонскиот тим ќе го гледаме до 30 јуни 2018 година. Иако Меси има важечки договор со Барселона до 2016 година, сепак тој одлучи својата верноста да ја продолжи на уште две години за кои ќе заработи 12 милиони евра годишно.
„Отсекогаш говорев дека во Барселона се чувствувам среќно, токму затоа се случи овој голем ден. Не знам што ќе се случи до тогаш, но ќе одам постепено и ќе уживам во фудбалот. Во Европа не би играл за друг клуб, но не ја исклучувам можноста кариерата да ја завршам во Аргентина“, изјави Лионел Меси по потпишување на новиот договор со шпанскиот гигант кој оваа година е на добар пат да ја освои шампионската титула во Примера.
Продолжувањето на соработката помеѓу Барселона и Меси со големо воодушевување беше прифатено и од неговите соиграчи: „Не знам каков ќе биде Меси до 2018 година, но ова е одлична вест за навивачите на Барселона. Тој е најдобриот играч на светот и така ќе остане доколку биде се' во ред со него“, изјави Жорди Алба.
Со новиот потпис на Меси челниците на Барселона продолжија со својата стара добро позната политика - продолжување на договорите со ѕвездите во својот тим, пред аргентинскиот фудбалер верноста ја потврдија капитенот Карлес Пујол и Чави Ернандез.
|