06.02.2013, 16:00 Полексиќ: Овие приказни се најобична глупост
Црногорскиот голман ги отфрли сите обвинувања дека бил главна фигура на „местачите“ во дуелот Ливерпул и Дебрецин
Црногорскиот голман Вукашин Полексиќ кој се најде во центарот на вниманието на светската јавност откако данскиот весник „Екстра бладет“ откри дека бил потплатен од „местачите“ во дуелот Ливерпул и Дебрецин во рамките на Лига шампиони што се одигра пред четири години, реши да се огласи во јавноста. Полексиќ веднаш ги негираше обвинувањата дека бил потплатен за овој меч кој според данскиот весник требало да заврши со најмалку три гола: „Секој што го гледаше натпреварот знае дека овие приказни се најобична глупост. Загубивме 1:0, а јас и покрај поразот одлично ја завршив мојата работа. Одбранив неколку удари на Ливерпул: „еден на еден“ со Риери, па потоа обидот на Торес, на Џерард... Се' добро паметам од овој меч. Како некој воопшто може да каже дека сум ја продал таа средба? Па тоа беше најголемиот натпревар во мојот живот. Ливерпул за мене отсекогаш бил најголем клуб. Го сакам и не можам да верувам дека луѓето може да зборуваат такви работи за мене“, изјави Црногорецот, кој веќе отслужи две години казна поради тоа што не пријави дека му биле понудени пари за да го намести дуелот против Фиорентина истата сезона.
„Знам дека сум чист, само се грижам дека луѓето ќе почнат да веруваат во се' што ќе прочитаат“, заврши некогашниот голман на унгарски Дебрецин.
Дали Полексиќ ја зборува вистината ќе биде познато во наредните неколку дена за кога се очекува официјална потврда од „Еуропол“, кој објави загрижувачки податоци откако обелодени дека под основан сомнеж за лажирање се наоѓаат неколку стотици натпревари. Директорот Роб Вејнрајт откако ја откри оваа информација не сакаше веднаш да открие имиња, а најважните детали ќе бидат познати штом ќе заврши истрагата.
|