13.02.2013, 09:11 Кристијано Роналдо меѓу два огна
Напаѓачот на „кралевите“ првпат ќе игра против клубот за кој настапуваше до 2009 година и во кој стекна светска слава
Напаѓачот на Реал, Кристијано Роналдо, првпат ќе му се спротивстави на својот поранешен клуб Манчестер јунајтед во вечерашната пресметка за фудбалските гурмани на „Бернабеу“ во рамките на осмина финалето од Лигата на шампионите, полна со историја и со интриги. Најскапиот фудбалер во светот ги освои срцата на верните посетители на „Бернабеу“ со спектакуларни игри и ќе има одлична можност да го покаже својот талент против лидерот во Премиер-лигата.
Тренерската пресметка меѓу Жозе Мурињо од Реал и Алекс Фергусон од Манчестер јунајтед е уш��е еден фасцинантен аспект на средбата, но обидот на Роналдо да ги уништи своите некогашни соиграчи треба да биде во центарот на вниманието кога два од најголемите клубови во светот ќе ги вкрстат копјата. Сега како позрел и понесебичен играч, Роналдо има шанса да доживее да биде споредуван со поранешната ѕвезда на Реал, Алфредо ди Стефано, соочувајќи се со Јунајтед првпат откако клубот во 2009 година плати 94 милиони евра за да го доведе во Шпанија. Сега 28-годишен, тој го направи своето име во Англија откако дојде од Спортинг како 18-годишник во 2003 година, за пет години подоцна да го добие признанието за фудбалер на годината во светот. Тој е во добра форма од почетокот годинава, а пред првиот меч со Јунајтед постигна хет-трик во победата од 4:1 против Севилја, измамувајќи овации од навивачите кога подоцна беше заменет.
Ова е голема промена од тешкиот старт во почетокот на сезоната, кога Роналдо се налути и ги поттикна гласиштата за напуштање на клубот, со тоа што им кажа на новинарите дека е несреќен „од професионални причини“. Португалецот кажа дека не станува збор за пари, но во меѓувреме тој и клубот се чини дека го оставија сето тоа зад нив, за да може тој да се фокусира на атаката на Реал на својата десетта европска круна, која им бега од нивниот последен триумф во 2002 година.
„Лигата на шампионите е многу посебна во Мадрид, бидејќи сакаме да ја освоиме 10. европска титула. За мене тоа е врв. Има толку многу незаборавни натпревари кои остануваат во сеќавањата на играчите и на навивачите. Сакам и јас да дадам свој придонес, сакам да оставам своја трага“, изјави Роналдо во интервју за британскиот весник „Сан“.
Роналдо помина шест сезони во Јунајтед и притоа постигна 118 гола во 292 натпревари. Во Реал има 182 гола на 179 меча, многу повисок однос на голови по натпревар во однос на Ди Стефано со 308 гола во 396 настапи во 1950-тите и 1960-тите години, кога му помогна на клубот да дојде до пет европски титули во низа.
Денешниот натпревар, исто така, го обновува интригантното ривалство меѓу Мурињо и Фергусон, кои станаа пријатели со текот на годините и познато е дека заедно уживаат во чаша вино.
„Се чувствувам привилегиран да бидам негов пријател, бидејќи тој е еден од најважните луѓе во фудбалскиот свет, и, уште поважно, бидејќи тој е добар човек“, изјави Мурињо по следењето на пресметката на Јунајтед со Евретон (2:0) на „Олд трафорд“ во неделата. „Мадрид - Јунајтед е натпревар што секој сака да го види. Светот нема да гледа друга пресметка од Лигата на шампионите, па се надевам дека ќе можеме да му го дадеме тоа што го очекува“.
Мурињо во два наврата се има соочено со Јунајтед во оваа фаза од ЛШ, почнувајќи со успехот на Порто на патот кон освојувањето на трофејот во 2004 година. Потоа, како тренер на Интер, Португалецот загуби од Јунајтед пет години подоцна, но во трите години во Лондон како тренер на Челзи тој доживеа само еден пораз од клубот од Манчестер, победувајќи во пет и играјќи нерешено во четири натпревари.
Историјата е на страната на Реал. „Кралевите“ победија во три од претходните четири европски пресметки со Јунајтед - во полуфиналето во 1956/1957 и во четврт-финалето во 1999/2000 и 2002/2003. Јунајтед го елиминира Реал Мадрид во полуфиналето во сезоната 1967/1968.
Реал победи во осум од последните девет меча дома во Лигата на шампионите, а Јунајтед оствари само две победи на 20 гостувања во Шпанија.
Дефанзивецот на Јунајтед, Рио Фердинанд, кој играше во осмина финалето со Реал пред 10 години, изјави дека каков било контакт што тој го имал со Роналдо „е прекинат“ како што се приближува европската пресметка.
„Имавме неколку размени на размислувања, но кога ќе се најдете во ваква ситуација, кога се соочувате со пријател, сите разговори одат во еден правец и вие, всушност, не зборувате додека не се одигра натпреварот“, изјави тој.
На прашањето како Јунајтед планира да го сопре Роналдо, тој додаде: „Кога тој ќе ја земе топката, на одбраната ќе и' помогнат колку што е можно повеќе соиграчи! Но не, Мадрид е добра екипа и треба да се осигурате дека имате добро поставена игра и оти вашиот тим е во добра позиција на целиот терен за да се брани“.
Возвратната пресметка е на „Олд трафорд“ на 5 март.
Можни состави
Реал: Лопез, Арбелоа, Пепе, Рамос, Коентаро, Чаби Алонсо, Кедира, Ди Марија, Озил, Роналдо, Бензема.
Манчестер јунајтед: Де Хеа, Рафаел, Евра, Рио Фердинанд, Видиќ, Карик, Клеверли, Андерсон, Валенсија, Руни, Ван Перси. |