12.02.2013, 12:36 Богати против сиромаси во Валенсија
Пребогатиот Пари Сен Жермен му гостува на презадолжениот шпански прволигаш под принудна управа на покраинската влада
Богатиот француски претставник Пари Сен Жермен, денеска, во Валенсија, во рамките на Лигата на шампионите ќе му се спротивстави на еден од многуте клубови во Ла Лига што се борат да останат конкурентни по неколкугодишни финансиски проблеми. Контрастот не е толку ласкав за Валенсија, која наместо да се расфрла со стотици милиони евра за доведување на најдобрите играчи, принудена е секоја година да ги продава лидерите во тимот, како Давид Вилја, Давид Силва и Хуан Мата.
Во моментов клубот е во сопственост на покраинската влада на Валенсија, откако не успеа ��а го задржи чекорот со исплатите на заемот од банка за кој гарантираше регионалната администрација, а беше искористен да се купат акции во клубот. Клубот имаше долгови од околу 400 милиони евра (535 милиони долари) во сезоната 2010/2011, според една неодамнешна студија на професор по сметководство на Универзитетот во Барселона, па изградбата на новиот стадион е запрена на половина.
ПСЖ, кој ја има поддршката од Катар, ја искористи својата финансиска благосостојба за да ги ангажира Карло Анчелоти, италијански тренер што ја има освоено Лигата на шампионите, како и шведскиот напаѓач Златан Ибрахимовиќ, бразилскиот дефанзивец Тијаго Силва и аргентинскиот играч за врска Езекиел Лавеци. Според најновиот преглед на трансфери од „Прајм спорт тајм“ од Барселона, францускиот клуб потрошил 249 милиони евра за играчи во последниве четири сезони, ставајќи ги на четвртото место во големите европски лиги зад Барселона (278 милиони евра), Реал Мадрид (428 милиони) и Манчестер Сити (424 милиони).
ПСЖ е на врвот на Лига 1 по победата во петокот од 3:1 дома над Бастилја, а Валенсија се подобрува, но, сепак, е на петтото место во Ла Лига и е во опасност да не заигра во Лигата на шампионите следната сезона.
Спротивно на колегата Анчелоти, тренерот на Валенсија, Ернесто Валверде, не ги одмораше клучните играчи за време на викендот, кога капитенот Роберто Солдадо, плејмејкерот Евер Банега и напаѓачот Софијан Фегули имаа свој удел во победата од 1:0 против Селта.
Напаѓачот Нелсон Валдез влезе од клупата и го постигна победничкиот гол во третата минута од екстра времето, а формата на играчите на Валенсија продолжува да се подобрува под тренерската палка на Валверде, кој го замени Маурицио Пелегрино, отпуштен во декември.
Жоао Переира од Валенсија на прес-конференцијата во неделата изјави дека ПСЖ не е само Ибрахимовиќ и 10 други играчи. Швеѓанецот, кој една сезона има играно во ривалот на Валенсија во Ла Лига, Барселона, во моментов е во извонредна форма и ја предводи листата на стрелци во Лига 1 со постигнати 21 гол во исто толку натпревари. Переира рече дека тој и неговите соиграчи не треба да се опседнуваат со спречување на Ибрахимовиќ да се размавне, бидејќи ПСЖ е полн со опасни играчи.
„Сите тие се многу добри играчи и мора да бидеме многу фокусирани и да се обидеме да ги запреме. Тие имаат многу ѕвезди и градат тим. Потпишаа со некои големи играчи и колку повеќе време поминуваат играјќи заедно, толку подобар ќе биде тимот“, изјави Переира.
Последен што потпиша за ПСЖ е поранешниот капитен на Англија, Дејвид Бекам, кој се очекува да биде на трибините во денешниот натпревар на „Месталја“.
Веројатни состави
Валенсија: Алвес, Переира, Рикардо Коста, Рами, Гвардадо, Тино Коста, Парехо, Фегули, Џонас, Бенега, Солдадо.
ПСЖ: Сиригу, Жајет, Алекс, Мамаду Сако, Максвел, Менез, Верати, Матуиди, Пасторе, Лавеци, Ибрахимовиќ.
|