08.02.2013, 14:00 Бостон ги растури Лејкерси, Гарнет рекордер
Со убедливите 116:95 над „езерџиите“ Селтикси го запишаа шестиот триумф во низа
Дербито меѓу двата најтрофејни тима во НБА-лигата меѓу Бостон и Лос Анџелес Лејкерс мина во знакот на домашниот тим, кој славеше со убедливи 116:95. До својата шеста победа во низа Селтикси дојдоа полесно од очекувањата и најважно без помошта на повредениот плејмејкер Ражон Рондо. Иако ова требаше да биде неизвесен меч, сепак „езерџиите“ немаа доволни сили да се издигнат над проблемите (останаа без Паул Гасол), а покрај камбекот на Двајт Хауард не беа достоен противник на Бостон. Единствено што успеаја да направат е да запишат уште едно лошо достигнување во клупската историја, по 50 одиграни натпревари дојдоа до скор ��од 50 отсто, со 23 победи и 27 порази што е трето најлошо достигнување за тимот од Лос Анџелес.
Покрај триумфот на својот тим оваа вечер беше посебна за за искусниот Кевин Гарнет. Тој стана првиот играч во НБА-лигата што ја мина границата од 25.000 поени, 10.000 скока, 5.000 асистенции, 1.500 украдени топки и 1.500 поени постигнати од контранапад.
Во победата на својот тим над Лејкерси Гарнет учествуваше со 15 поени доволно за да ја мине границата од 25.000 поени и да стане 16. играч на оваа листа. Покрај него единствен активен кошаркар кој успеа да влезе во ова „друштво над 25.000 поени“ е Коби Брајант.
Инаку, главниот збор во победата на Бостон го имаше Пол Пирс со 24 поени, седум скока и шест асистенции, додека Џеф Грифин реализираше 19 поени. Кај поразениот тим Брајант имаше 27 поени и седум скока, а додека Џоди Микс со 13 поени беше втор стрелец.
Екипата на Денвер го запиша осмиот триумф во серија откако го совлада Чикаго со 128:96. Кенет Фарид со 21 поен и 12 скока беше еден од најзаслужните за победата на Нагетси, покрај него добро одиграа Тај Лосон со 16 и Данило Галинари со 15 поени.
„Чикаго имаат проблеми, им недостасуваат некои играчи. Ние го спроведовме она што се договоривме. Беше забавно да се видат сите забивања и тројки“, изјави стратегот на Денвер Џорџ Карл.
|