09.02.2013, 18:56 Норвежанецот Свиндал нов светски шампион во спуст
Италијанецот Доминик Парис го освои сребрениот медал, а бронзата му припадна на Давид Поазон од Франција
Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал е победник на денешниот спуст од 42.то Светско првенство во алпско скијање кое се одржува во Шладминг, Австрија.
Најатрактивната трка на првенството се одржа пред околу 50 илјади гледачи. Патеката која во горниот дел беше со намалена видливост поради магла овозможуваше развивање големи брзини, од подмрзнувањето предизвикано од ниските температури кои денеска владеат во Шладминг.
Во такви услови Свиндал постигна време од 2:01.32 или 42 стотинки побрзо од Италијанецот Доминик Парис кој го освои сребрениот м��дал.
Третото место и бронзениот медал му припаднаа на Давид Поазон (Франција) кој трката ја заврши со 97 стотинки заостанување зад победникот.
Разочарувачки за домашните навивачи е пласманот на австриските скијачи кои и на ова Светско првенство останаа без златото, а воедно и без медал. Нивниот најдобропласиран натпреварувач е Кроел кој заврши како четврти.
Следната трка на Светското првенство ќе се одржи утре со почеток од 11 часот кога на програмата е женскиот спуст.
|