04.02.2013, 17:06 Комплетни против Данска
Избраниците на селекторот Јаневски утре ќе го пречекаат европскиот шампион од 1992 година
Најдобрите фудбалери на Македонија првпат во оваа 2013 година повторно се на исто место. Хотелот „Александар палас“ беше местото каде што селекторот Чедомир Јаневски ја направи прозивката пред пријателскиот дуел со Данска кој го играме утре на нашата национална арена „Филип Втори“. Тестот е сериозен, противникот ја има улогата на фаворит. Овој дуел е последна проверка за нашите репрезентативци пред мартовскиот квалификациски двомеч со Белгија.
„Сите фудбалери се во стројот уште на првиот дел. Последни кои доцнеа се Грнчаров, Демири и Тасевски, кои имаа лоши конекции со летовите. Имаме два тренинзи до Данска, која е идеален ривал за нас со оглед на тоа дека оваа селекција игра сличен фудбал како и Белгија“, истакна селекторот Јаневски на првиот собир на репрезентативците.
Како и секогаш, така и овојпат централен настан за време на прозивката е моментот кога во хотелот се појавува капитенот Горан Пандев. Така беше и вчера кога фудбалерот на Наполи се појави во репрезентативната база. На нозе и фудбалери, новинари стручен штаб, но и сите кои се наоѓаат во тоа време во хотелот. Капитенот по пауза од три средби се враќа во репрезентативниот дрес и ќе биде нашиот лидер на дуелот со Данците, кој воедно е и главен тест за нашите најдобри фудбалери пред продолжувањето на квалификацискиот циклус за пласман на СП 2014.
„Многу сум уморен, но секогаш чувството е поинакво кога сум во Македонија и кога сум со репрезентацијата“, беше кусиот коментар на нашиот најдобар фудбалер по пристигнувањето.
Македонските фудбалери вчера и денеска имаат по еден тренинг на националната арена. Данска пристигнува во Скопје денеска околу 13 часот и ќе има тренинг од 18 часот на нашиот фудбалски храм каде што и ќе се игра средбата.
Денеска напладне Јаневски ќе одржи прес-конференција, а ФФМ веќе во продажба ги пушти билетите за овој пријателски дуел и тие чинат од 100 до 250 денари. |