08.02.2013, 15:00 Иванов очекува поддршка од Франција за евроинтеграциите
Македонскиот претседател ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Франција во Македонија, Лоранс Оер
Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Франција во Македонија, Лоранс Оер, нагласувајќи дека очекува помош од француска страна во евроатланските интеграции на земјата, кои продолжуваат со несмален ентузијазам и посветенопст и покрај присутните блокади.
„Се надевам дека Француската Република имајќи ги предвид реалностите во нашиот регион, имајќи ги предвид пошироките колективни интереси за ширење на зоната на стабилност, безбедност и просперитет во Југоисточна Европа, ќе и' помогне на овој план на Република Македонија“, изјави претседателот Иванов. „Блокадите со кои се соочуваме во реализацијата на овие цели се мотив повеќе за нас и за нас прашањето за формално членство во НАТО и ЕУ никогаш не било дали, туку кога“, додаде Иванов.
Амбасадорката Оер изрази уверување дека Франција ќе остане посветена на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес и изрази поддршка во реализацијата на стратешките цели на Република Македонија.
- Мојата мисија се случува во еден важен момент за вашата земја на нејзиниот пат кон Европската унија, во подготовка на нејзиното законодавство но и во добрите практики, инвестирање во иднината, добрососедските односи. Во тој поглед познати ни се пречките и посакуваме што побрзо да се најде заедничко прифатливо решение во однос на прашањето за името“, истакна амбасадорката Оер.
Двајцата соговорници го поздравија успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и истовремено се согласија дека се' уште постои неискористен потенцијал во сферата на економијата, културата, образованието и науката, како и во делот на интензивирање на економските односи.
Македонија и Франција наскоро ќе одбележат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Претходно, Иванов ги прими и акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Иран во нашата земја, Саид Садег Мохамади, при што истакна дека приоритет во одниосите на двете земји треба да биде јакнење на економската соработка и трговската размена. (П.Р.)
|