08.02.2013, 13:59 Три групи европратеници идната недела во Македонија
Известувачот за Република Македонија од Европскиот парламент, Британецот Ричард Ховит, нема да биде единствениот претставник на законодавниот дом на Европската унија што идната недели ќе ја посети Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во периодот меѓу 11 и 17 февруари, во Скопје одвоено ќе пристигнат три групи на членови на Европарламентот со единствена агенда да се обидат да влијаат на смирување на политичките тензии што ги предизвика опозициската СДСМ.
Најнапред, како што самиот најави, известувачот Ховит ќе ја посети нашата земја со цел да ја убеди партијата што го напушти Собранието да се врати во пратеничките клупи со цел да не го наруши евроинтегративниот процес на Македонија и да го загрози пролетниот извештај на Европската комисија и очекуваното добивање на датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ во јуни годинава. Заедно со Ховит ќе дојде и летонската европратеничка Инес Ваидере од групата на Европските народни партии (ЕПП).
Втората посета од ЕП ќе биде од страна на групата “Пријатели на Македонија” во Европарламентот. Ќе ја предводи потпретседателот на Европскиот парламент, Ласло Токеш (ЕПП), а со него ќе биде и поранешниот претседател на ЕП, Јержи Бузек (ЕПП), како и Мирослав Миколашик и Жолт Шилаѓи, двајцата пратеници од групата на ЕПП.
Третата делегација ќе биде посета токму од таборот на Европските народни партии, а нив ќе ги предводи потпретседателката на партијата, холандската европратеничка Корин Вортман-Кол.
Според најавите, целта на сите е да се обидат низ средби со највисоките политички личности и претставници на опозициската СДСМ да предупредат дека уличната демократија не е решение за Македонија и дека таа само и носи штета на евроинтеграцијата на земјата, кога на лето се очекува да ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ.
|