10.02.2013, 14:11 Вегетаријански порции за Адолф Хитлер
Нацистичкиот водач бил постојано на вегератијанска диета, тврди Маргот Волк (95), негов последниот жив пробувач на храна
Нацистичкиот водач Адолф Хитлер бил постојано на вегератијанска диета, тврди Маргот Волк (95), која морала да ја пробува храната што потоа му била давана на водачот на германскиот Трет Рајх.
Во разговор за лондонски „Тајмс“ Волк открива дека Хитлер јадел само свежо овошје и вегетаријанска храна. Во текот на Втората светска војна, додека нејзиниот сопруг бил испратен на фронтот, Маргот Волк била регрутирана од припадниците на СС-единиците и одведена на работа во Источниот команден штаб, познат како „Волчјо дувло“, што сега ��е наоѓа на територија на Полска. Нејзината единствена работа била да ја пробува храната.
„Секој ден, меѓу 11 и 12 часот морав да ги пробам и да го јадам сето она што тој ден му се носеше на Хитлер за фирерот да не биде отруен“, вели Волк и објаснува дека храната ја носеле само најдоверливите СС-овци.
Таа открива дека уште во триесеттите години, организацијата на Хитлеровата младина почнала со пропагирање на вегетаријанството и популаризирањето на сојата, како замена за месото. Во 1942 година официјалната нацистичка пропаганда најавила дека по завршувањето на војната и германската победа, цела Германија ќе биде вегетаријанска.
Во годините на младоста и пред Втората светска војна, Хитлер не бил вегетаријанец. Од 1941 до есента 1944 година, нацистичкиот водач поминал 800 дена во „Волчјото дувло“.
Се верува дека Маргот Волк е последниот жив пробувач на храна за Хитлер. Таа признава дека секогаш стравувала дека ќе биде отруена. |