12.02.2013, 15:14 Битола на големо се подготвува за „Битола Шекспир фестивал“
Фестивалот ќе се одржи од 15 до 19 јули, а на него ќе бидат одиграни седум претстави од Шекспир во изведба на исто толку театри од Европа и светот
Анета Блажевска
Битола - Покрај ИФФК „Браќа Манаки“, Битола ова лето ќе биде домаќин и на првиот „Битола Шекспир фестивал“. Градот ќе се приклучи на големата мрежа на Шекспирови фестивали во светот. Така ова лето во него ќе доаѓаат познати актери, режисери, сценографи, музичари... Народниот театар - Битола од 15 до 19 јули ќе го организира овој нов фестивал под покровителство на Општина Битола и Министерството за култура, �� ќе бидат одиграни седум претстави од Шекспир во изведба на исто толку театри од Европа и светот.
Шекспировите претстави ќе бидат изведувани на повеќе локации во Битола, а она што е најатрактивно е што дел од претставите ќе може да се играат на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис.
Директорот на Театарот, Валентин Светозарев, вели дека постои доволно самодоверба да се направи светски театарски фестивал во Битола, дека оваа институција има доволно технички и уметнички сили за тоа.
„Веќе се пријавија осум театри, но концептот на овој нов фестивал е седум претстави за седум дена. Така една од претставите ќе биде поместена за следната година. Охрабрени што нашиот театар лани седум дена го преселивме во Скопје, мислам дека и сега можеме да направиме еден ваков фестивал, да примиме седум театри од страна и да ги опслужиме “, рече Светозарев.
Во Битола оваа лето ќе се одиграат претставите „Магбет“ на Мини-театарот од Љубљана, „Отело“ на Dood Pard, театарска компанија од Амстердам, „Крал Лир“ на Wild and Vogel - театарска компанија со луѓе и кукли од Лајпциг, „Ричард Трети“ на Националниот театар од Пекинг, „Хенри Шести“ - втор дел, на Националниот театар Тирана, „Хенри Шести“ - прв дел, на Српското народно позориште од Белград, „Бура“ од „Lit moon“, театарот од Калифорнија и претставата „Ромео и Јулија“ на Народниот театар - Битола, МОБ и „Охридско лето“ и театарот „Вера Комирсажевскаја“ од Санкт Петербург. „Ромео и Јулија“ претставата, која лани се играше на „Охридско лето“, годинава ќе го отвори „Битола Шекспир фестивал“ и со тоа премиерно ќе биде изведена во овој град.
„Фестивалот е ревијален, но ќе има свои работилници и мастер-класови каде што ќе учествуваат големи познавачи на Шекспир, домашни и странски“, рече Светозарев.
Подготовките за фестивалот започнаа и веќе е изработено и логото. Во друштво на две трагични маски, ставен е и ликот на Шекспир. А овој театар ќе се одржува во рамките на „Битолско културно лето“.
„Сите светски наслови потпишани од големиот генијалец Шекспир, коишто имаат театарска форма, ќе се потрудиме да ги донесеме во Битола, на „Битфест“. Така го подигаме нивото на квалитет, внесувајќи нови содржини. Од Битола ќе направиме светско место за дружење во летниот период“, рече градоначалникот Владимир Талески, кој своевремено го играл Хамлет на сцената на Народен театар - Битола. Овој театар токму за новиот фестивал очекува публика не само од Битола, туку и од целата држава, па и од регионот. Се надева дека сите оние туристи кои доаѓаат во Охрид ќе имаат шанса да гледаат добар театар во Битола.
„За буџетот на фестивалот се' уште се преговара“, вели Светозарев, охрабрен дека Општината и Министерството за култура целосно ќе ги покријат фестивалските трошоци. |