11.02.2013, 16:12 На Шевченко му нудат 100.000 долари за меч
Некогашниот украински репрезентативец Андриј Шевченко би можел повторно да се врати на теренот и тоа во првенството на Индонезија. Екипата на Митра Кукар е подготвена да му плати по 100.000 долари на Шевченко за секој одигран меч. До ваквата идеја клубот дошол откако популарниот Шева пред три дена играл на хуманитарен меч во Џакарта, во тимот на ветераните на Милан против репрезентацијата на Индонезија. Некогашните играчи на „росонерите“ победиле со 4:2, а Украинецот постигнал еден гол.
„Сакаме Шевченко да го доведеме во нашиот тим. И тој е заинтересиран да се врати во фудбалот и да поигра малку во Индонезија, но остануваат да се договорат некои детали околу договорот“, откри менаџерот на клубот, Рони Фауџан.
Според неофицијалните најави, Шевченко би потпишал договор за само пет меча, а за секој одигран дуел ќе зарабо��ува по 100.000 долари. „Можеме да си дозволиме да ги дадеме тие пари, но прво треба одобрение на акционерите во клубот. Ако се' биде како што треба, Шева ќе дојде во почетокот на вториот дел од сезоната“, додаде Фауџан.
Шевченко минатата година по завршувањето на Европското првенство во Полска и Украина стави крај на кариерата, иако имаше понуди од неколку кинески и арапски екипи.
|