07.02.2013, 16:03 Мукаетов ќе го наследи Михајловски
Едногласен предлог на Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија. Изборното собрание ќе се одржи на 9 март
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“, речиси е извесно дека ќе го наследи Михајло Михајловски на претседателската функција во Ракометната федерација на Македонија. Формалната потврда на неговиот избор треба да се случи на Изборното собрание закажано за 9 март, а треба да се случи чудо тој да не стане нов претседател на РФМ, со оглед на едногласната поддршка за него како кандидат, која ја доби на вчерашната седница на Управниот одбор.
„Со кандидатот разговарав два три пати и тој прифати. Финансира и во кошарката и во фудбалот, но ракометот најмногу му лежи на срце, па сметам дека е вистински човек за да ја преземе мојата функција“, го образложи предлогот Михајловски, а УО едногласно го прифати.
Извршниот орган на федерацијата ја усвои оставката на селекторот на машката репрезентација Звонко Шундовски и се заложи најбрзо што може да се избере негов наследник, оставајќи му ја таа задача на новиот УО. Двомечот со Шпанија од квалификациите за Европското првенство 2014 во Данска е во почетокот на април, тоа беше главната причина за одржување на Изборното собрание на РФМ претходно.
„Му се заблагодарувам на селекторот за успешните резултати во тие две и пол години додека ја водеше репрезентацијата. Не е неуспех пласманот на СП во Шпанија, каде што го постигнавме она што можевме во моментот, но му забележувам што не видовме ништо ново во нашата игра, не може да е одговорен само селекторот, потфрлија и одредени играчи“, изјави Михајловски.
Самиот Шундовски, пак, објаснувајќи ги причините за оставката во писменото обраќање до Управниот одбор вели: „Македонската репрезентација на СП во Шпанија успеа да го оствари она што беше примарна цел - пласман во осмина финалето. Одигравме онака како што, според рејтингот, ростерот на играчи, лигата во која тие настапуваат, силата на противниците, се предвидуваше од ЕХФ и од ИХФ. Не успеавме да бидеме изненадување во светскиот ракомет и да ја израдуваме домашната јавност, која, понесена од емоциите, посакуваше повисок пласман“.
Управниот одбор го прифати извештајот на селекторот на женската репрезентација Гино Стрезовски за учество на ЕП во Србија и го прифати неговиот план на подготовки за мундијалскиот бараж со Шпанија. Подготовките ќе се одвиваат во две фази: Првата од 18 до 24 март на Рогла, во Словенија и втората од 20 мај во Стара Пазова, Србија.
Прифатена е оставката на селекторот на кадетките Индира Кастратовиќ и за вршител на должноста е именувана Милева Велкова. УО ги прифати предлогот за организација на завршниот турнир во СЕХА-лигата, кој ќе се одржи од 12 до 14 април во Скопје и датумот за почеток на пролетниот дел во машката и во женската Суперлига - 2 март.
|