12.02.2013, 12:43 Самарџиски со Купот на Србија
Белградските „црвено-бели“ го совладаа лутиот градски ривал Партизан со 78:69 во доиграното финале во Крагуевац
Ни дваесет дена не поминаа откога ја засили Црвена звезда, а Предраг Самарџиски веќе го освои првиот трофеј - Купот на Србија. Белградските „црвено-бели“ го совладаа лутиот градски ривал Партизан со 78:69 во доиграното финале во Крагуевац, прекинато ден претходно при резултат 43:43 во 26. минута поради инцидентите што ги предизвикаа двете навивачки групи. Клучна беше серијата на Црвена звезда од 16:1 за водство од 65:50 во средината на последната четвртина во празната сала „Језеро“.
Самарџиски помина на паркетот само 3,49 минути и притоа не постигна кош, а запиша по една освоена и загубена топк��. Неговиот соиграч Демаркус Нелсон е избран за МВП на финалето, во кое забележа 17 поени и пет скока, а Мајкл Скот е најдобар стрелец со 20 коша, колку што постигна и Игор Ракочевиќ, но Скот имаше и седум скока. Капитенот Лучиќ беше најдобар во поразениот тим со 17 поени и девет скока, а центарот Мусли на двата поена додаде дури 14 скока. (Р.Д.) |