06.02.2013, 15:56 Мисовски: Нема разногласие, ниту омекнување на ставовите
Опозицискиот „Сојуз за иднината“ денеска го продолжи протестниот караван со автомобили на членови на партијата низ сообраќајниците на населбите Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Центар.
Од пред зградата на Владата опозициските активисти повторно побараа предвремени парламентарни избори заедно со локалните и порачаа дека без таков договор нема да учествуваат на локалните избори.
- Пратениците на опозицијата како досега никогаш не биле поцврсти во одлуката, ако нема договор за организирање предвремени парламентарни избори, ние ќе ги вратиме мандатите, изјави Горан Мисовски од НСДП, дел од опозицискиот Сојуз.
Тој ги оквалификува како лаги и манипулации информациите дека постои какво било разногласие во опозицијата или опозицијата омекнала во своите ставови.
- Ниту постои разногласие, ниту омекнуваме во нашите ставови. Никогаш како досега опозицијата не била посплотена и поцврста да истрае во битката за слобода и за демократија во Република Македонија, изјави Мисовски истакнувајќи дека активностите на опозицијата секој ден добивале се поголема поддршка од граѓаните. |