14.01.2013, 17:57 Едиториjал
Политиката ја покри економијата
Мирче Јовановски
Наместо економијата да е во фокусот, сега јавноста е преокупирана со прашањето дали ќе има локални избори, односно дали ќе учествува и опозицијата и како ќе се развива политичката ситуација во земјава доколку се одлучи за бојкот. Во клучната година во која претстојат огромни предизвици, економијата уште еднаш падна во длабока сенка на политиката. Тоа, барем за живејачката во земјата, не навестува ништо добро, освен ако политичките лидери не направат драстичен пресврт и ја стават меѓусебната нетрпеливост во втор план, зад интересите на граѓаните и на државата во целина.
Оваа ескалација на политичките судири не е од вчера. Тлее со години, но почна да се разгорува уште со поднесувањето на предлог-буџетот во ноември минатата година. Тогаш излегоа на површина огромните разлики меѓу власта и опозицијата околу обемот на јавните приходи и начинот на нивното трошење, како и за износот на задолжувањата. Секому е познат епилогот на оваа мачна епизода на младата македонска демократија, како и дека тоа изроди нови конфликти во кои има се' помалку место за креативни решенија кои ќе го извлечат домашното стопанство од економската криза.
Залудни се образложенијата дека кризата не е домашна, дека неповолниот економски амбиент е само последица на пошироката криза која ја тресе цела Европа и во која најзагрозени се земјите од еврозоната кои се и наши најголеми трговски партнери. Дури и оние кои не се економисти по професија знаат дека магични формули нема и не е можно да се направи чудо преку ноќ. Потребни се огромни напори и умешност да се најдат оптимални решенија кои ќе им овозможат на фирмите да се одржат на површина, да се најдат нови пазари и да се привлечат инвеститори. Без такво нешто само дополнително ќе тонеме во кризата или во најдобар случај „ќе летаме ниско над земја“, со стапки на раст околу нулата кои ќе ја држат македонската економија според нивото на развој децении зад европската која тежнее да ја стигне.
Власта го стави акцентот врз носењето на буџетот по секоја цена, без да прифати нешто суштинско од она на што инсистираше опозицијата. Исто така, се фокусираше и врз добивањето поволни кредити. Сега, откако ги обезбеди, дојде време на нивното трошење. Но, наместо потези кои суштински ќе влијаат врз позицијата на економските субјекти и на зголемување на нивната конкурентност, сведоци сме на мерки од типот на одење на пензионерите на бања, отворање продавници на вино и слично. Не дека е тоа лошо, но на стопанството му се неопходни многу порадикални решенија кои ќе му помогнат во оваа криза.
Опозицијата, пак, на врвот на приоритети го стави функционирањето на демократијата во земјава. Минатата година социјалдемократите ја бомбардираа Владата со предлози за кои сметаа дека ќе го подобрат економскиот амбиент. Се нудеа решенија за стимулирање на економскиот раст, за отворање нови работни места, се критикуваа потезите на власта во стопанството, се водеше широка дебата како да се надмине кризата. Сега, меѓутоа, нивната реторика главни се сведува на тоа дали ќе се учествува на избори, дали да има и предвремени парламентарни и кои министри во Владата треба да си заминат.
Наместо да чуе како да се поттикне производството и да се подобри животниот стандард, јавноста повеќе слуша кој е Гадафи, а кој Милошевиќ. Наместо кон политичкиот противник, сега можеби е подобро вниманието да се насочи кон некои други пораки, како на пример онаа на човекот кој ја предвиде глобалната криза во 2008 година, Нуриел Рубини, кој и за 2013 година не е оптимист.
Во меѓувреме, економијата кај нас тапка во место. Единствена работа што може да се издвои во овие постпразнични денови, која суштински навлегува во поттикнување на економскиот амбиент е намалување на референтната каматна стапка на НБМ. Нејзината цел е да се поттикне кредитирањето на фирмите и на тој начин да се влијае врз поголемо производство и зголемен извоз. Но, се покажа дека банките имаат своја математика, па наместо каматите на банкарските кредити, лесно може да се случи да се намалат стапките на депозитите, што значи цехот да го платат оние кои штедат. |